• среда, 24 април 2024

Најнови изданија на Македонскиот Стрип Центар - Велес

Најнови изданија на Македонскиот Стрип Центар - Велес

Велес, 6 јуни 2023 (МИА) - Како дел од годишната програма на Министерството за култура во областа на литературата и издавачка дејност, Стрип Центарот на Македонија - Велес ги публикуваше стрип книгите „Мечкин камен  –Карпош“ од Миле Топуз, „Кико и Вели и вселенските гусари“ од Јордан Манасиевски и „Македонски стрип алманах 2023“ од група на автори.

Томе Трајков-програм координатор од СЦМ – Велес  информира дека тоа се  изданија од различен  жанр и различни генерации на автори.

Пред се Миле Топуз којшто е еден од најплодните македонски стрип илустратори, продолжува со обработка на тема од македонската историја. Меѓу другото тој досега има публикувано и стрипови за Хацон, крал Пребонд, цар Самоил, Климент Охридски, Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех и други. За својата долгогодишна дејност во областа на стрипот, тој е добитник на признанието за развој и афирмација на македонскиот стрип „Љупчо Филипов“ доделено од Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес.

Јордан Манасиевски  е ликовен уметник од Охрид  со светско реноме кој преку своите уметнички дела ги афирмира охридските и македонски вредности пред Светот. Во оваа стрип книга е вметнат само дел од опусот со споменатите јунаци коишто ги обработува уште од 1981 година.

Стрип книгата  „Македонски стрип алманах 2023“ од група автори е резултат на повеќегодишното издание - континуитет на идејата на Стрип центарот за афирмирање на претежно млади , македонски стрип автори.

Во овогодинешниот „Стрип алманах“ се претставуваат Васко Гаврилов, Ѓургица Варела , Јана Бутеска, Ана Марија Стефаноска, Мартина Величковска, Оливер Цветковски, Тоде Блажевски. Сибел Исмаилова,Илко Стојановски, Ване Трајков и како гостин  Исток Ситар од Словенија. ад/дма/

Фото: Стрип Центар на Македонија - Велес

 

Остани поврзан