• петок, 05 декември 2025

Најмалку седум лица загинаа, меѓу кои и две деца, во руските воздушни напади врз Харков (ДПЛ)

Најмалку седум лица загинаа, меѓу кои и две деца, во руските воздушни напади врз Харков (ДПЛ)

Киев, 18 август 2025 (МИА) - Најмалку седум лица, меѓу кои и мало дете и 16-годишно момче, беа убиени во рускиот напад со дрон врз станбена област во Харков во текот на ноќта, информира украински функционер.

Инцидентот се случува во време кога Вашингтон врши притисок врз Киев брзо да се согласи на договор за прекин на војната што руските сили ја започнаа кога ја нападнаа соседната земја на почетокот на 2022 година.

Шест деца на возраст меѓу шест и 17 години беа меѓу 20-те повредени во нападот врз вториот по големина град во Украина, напиша регионалниот гувернер на Харков, Олег Синегубов, на платформата Телеграм. Бројот на повредени лица во нападите врз Харков „постојано расте“, додаде Синегубов. Претходно во текот на ноќта, Харков беше погоден од балистичка ракета, рече тој.

Нападот се случи во време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски се подготвува да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон, поради загриженоста меѓу европските лидери дека американскиот претседател може да се обиде да изврши притисок врз Киев да прифати мировен договор поволен за Москва.

Воздухопловните сили на Украина соопштија дека Русија употребила 140 дронови во своите напади врз украинска територија во текот на ноќта, што е најголем број регистриран во една ноќ од 4 август.

Харков, кој се наоѓа во североисточна Украина во близина на границата со Русија, редовно е цел на руски напади со дронови и балистички ракети од почетокот на војната во февруари 2022 година. Претходниот напад со балистички ракети скрши околу илјада прозорци, рече Синегубов на Телеграм. Некои жители мораа да бидат евакуирани за да можат да се проверат зградите во кои живеат, додадоа украинските служби за итни случаи.

-Русија е убиствена воена машина што Украина ја спречува. И мора да се запре преку трансатлантско единство и притисок, напиша украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибига на „Х“ по нападот. Тој нагласи дека руските сили продолжуваат да убиваат цивили и покрај напорите за постигнување мир.

Русија вели дека не извршува намерни напади врз цивили. Сепак, илјадници украински граѓани загинаа откако Москва ја започна својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

Русија испали четири ракети и голем број дронови таа ноќ, соопштија украинските воздухопловни сили. Украинската војска соопшти дека 88 дронови биле соборени и дека биле регистрирани напади на 25 локации во шест региони на земјата.

Седумнаесет лица беа повредени во утринскиот ракетен напад врз украинскиот град Запорожје, објави началникот на регионалната воена администрација на Запорожје, Иван Федоров, на Телеграм. Експлозивниот бран и остатоците оштетија станбени згради, претпријатија, комерцијални простории и делумно уништија автобуски постојки, се вели во пораката на Федоров.

За време на нападот со дронови врз регионот Одеса, избувна голем пожар во објект за инфраструктура за гориво и енергија, што бараше големи операции за гаснење пожари, објави регионалниот гувернер на регионот Одеса, Олег Кипер, на Телеграм. „И покрај активната работа на силите за воздушна одбрана, има последици од нападот во предградијата на Одеса - оштетен е објект за инфраструктура за гориво и енергија, како и двокатна зграда“, се вели во пораката на Кипер.

Во меѓувреме, две лица се повредени во руските напади во Сумскиот регион. Десетици куќи и зграда на образовна институција се уништени таму, објавија локалните власти. „Непријателот продолжува намерно да ја таргетира цивилната инфраструктура во Сумскиот регион - и тоа ноќе“, напиша на Телеграм шефот на регионалната администрација, Олег Григоров.

Руското Министерство за одбрана, од своја страна, објави дека воздушната одбрана на земјата уништила 23 украински дронови преку ноќ. мс/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан