• среда, 18 декември 2024

Највисокото општинско признание оваа година Охрид му ја додели на проф. д-р Павле Митрески

Највисокото општинско признание оваа година Охрид му ја додели на проф. д-р Павле Митрески

Охрид, 4 декември 2024 (МИА) – Највисокото општинско признание што го доделува Градот Охрид – наградата „Патрон на градот – Свети Климент Охридски“ за оваа 2024 година му е доделена на проф. д-р Павле Митрески.

Како што е наведено во образложението за доделувањето на наградата, зад биографијата на проф. д-р Павле Митрески стои неговото големо високовредносно и величествено делување, темелно и темелито проучување на историјата, културата и традицијата на Охрид и Охридско.

- Проф. д-р Павле Митрески е неуморен раскажувач на минатото на Охрид и Охридско, неговата посветеност и заложба со пишани материјали и книги да се збогатуваат македонските библиотеки се од големо значење за нашиот Охрид, а преку претставувањето на охридските хроники кои денес постојат за Охрид како значајна историска лулка и центар на сите општествено политички и културни збиднувања, тој го афирмира Охрид во меѓународни рамки бидејќи од неговите книги учат најголемите промотори на Охрид и охридското културно наследство. Неговото име е длабоко врежано во современата македонска историографија. Неговото дело посветено на историјата на Македонија и македонскиот народ, со посебен акцент на Охридско – струшкиот регион, заземаат сосема заслужено и значајно место, стои во образложението за донесената одлука.

Павле Митревски ја збогати македонската историографија со над петнаесетина наслови на книги, како и написи во списанија и зборници и стотина научно-стручни прилози од историјата на Охридско-струшкиот регион.

Највисокото општинско признание наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2024 година ќе биде врачена на Свечената академија што ќе се одржи на 7 декември во Центарот за култура „Григор Прличев“. аб/лв/

фото/Општина Охрид

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан