• четврток, 09 мај 2024

Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија

Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија

Скопје, 28 септември 2023 (МИА) - Во Скопје денеска ќе се одржи 20. Меѓународен симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Македонија (ДГКМ). Темата е „Отпорни конструкции”, а во фокусот ќе бидат стекнатото знаење изминатите шест децении, по скопскиот земјотрес, во областа на асеизмичкото проектирање, како и претстојните предизвици поврзани, пред се, со климатските промени.

На овој, како што е најавен, најголем настан од областа на градежништвото во државава оваа година, ќе се одбележи и 74- годишнината од основањето на Градежниот факултет при УКИМ.

-Ја одбележуваме 60-годишнината од скопскиот земјотрес, историски моќен потсетник за значењето и одговорноста на нашето професионално делување, настан кој означува пресвртница во македонското, но и европското градежно контрукторство. Оттука, 20. Симпозиум на ДГКМ ќе овозможи рефлексија на целокупното стекнато и применето знаење во изминатите шест децении во областа на асеизмичкото проектирање, но и дискусија за предизвиците кои ни претстојат. Во фокусот ќе бидат и глобалните предизвици поврзани со климатските промени и ефектите кои тие ги имаат врз конструкциите, опфаќајќи ги концептите на робустност, приспособливост, одржливост, трајност, долготрајно менаџирање и доверливост на конструкциите, информира ДГКМ кое го организира Симпозиумот.

Покровител е Министерство за транспорт и врски, а коорганизатори се Македонската национална група на IABSE (International Association for Bridge and Structural Engineering), УКИМ, Градежниот факултет - Скопје, Институтот за Земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Архитектонскиот факултет - Скопје, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, Македонската асоцијација за земјотресно инженерство, Инженерската институција на Македонија, Јавното претпријатие за државни патишта, Јавното претпријатие за заштита и одржување на магистрални и регионални патишта и Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија. мч/аа/

фото: ДГКМ

Остани поврзан