• сабота, 21 декември 2024

Oбразовните асистенти неопходни за инклузијата - нужно се потребни

Oбразовните асистенти неопходни за инклузијата - нужно се потребни

Куманово, 12 октомври 2024 (МИА) - Не може да се замисли инклузијата без образованите асистенти, смета м-р Анита Младеновска, специјален едукатор и рехабилитатор во државното стручно училиште Државно средно училиште – Регионален центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ – Куманово од Куманово.

Според податоците на секторот за образование од општина Куманово ангажирани се 69 образовни и двајца лични асистенти. За потребата од образовните асистенти, Младеновска има непоколебливо мислење.

- Ако мене лично ме прашувате: нужно се потребни! Секаде низ светот образовните асистенти се нишката помеѓу ученикот со ПОП, соучениците, нивните родители и наставниците. Инклузијата не може и не треба да се замисли без нив, бидејќи тие се индивидуално насочени кон ученикот на кој му се доделени, работат со истиот во текот на часовите, даваат упатства за работа кон наставникот, соработуваат со учениците, воедно го штитат интересот на ученикот со ПОП да се вклопи и социјализира во редовната училишна средина, вели Младеновска, која веќе со години работи на поддршка на инклузијата.

Во Куманово во петте средни и 17 основни училишта, дополнителни барања засега нема, но се чека на проценка на МКФ комисијата.

- Имаше реакции од страна на родителите и до нас како сектор и до училиштата зашто образовните асистенти за основните училишта се организираат преку Министерството за образование и наука, поточно ресурсниот центар, училиштето Иднина од Скопје, преку МОН ангажирани се образовни асистенти во основните и средните училишта и од општинскиот проект кој се спроведува преку секторот за социјална заштита и дополнително согласно законот и за основно и за средно образование преку МОН. Сега во овој период задоволени се потребите, вели раководителот на секторот за образование, Александар Јовановиќ.

Образовната асистенција како процес ја надополнува образовната инклузија

Учениците кои имаат посебни образовни потреби, најчесто имаат и нужна потреба од лица кои со својата стручност, компетенции и знаења ќе им излезат во пресрет на нивните барања за адаптација и учење во училишната средина. Образовните асистенти како што му помагаат на ученикот со посебни образовни потреби, пружаат помош и поддршка на соучениците во одделението/класот, но и на наставниците.

Секој од ангажираните образовни асистенти поминува обуки со кои стекнуваат знаења за работа со оваа група ученици и нивната фокусна група се децата кои имаат МКФ или наод и мислење, со (прецизна) дијагноза.

Од секторот за социјална заштита од општина Куманово, претходно распишаа оглас и пополнети се сите потреби за образовни и лични асистенти. Според податоците на овој сектор, двајца образовни асистенти има во државното „Киро Бурназ“, еден личен асистент има за ученик во гимназијата „Гоце Делчев“, еден образовен во „Наце Буѓони“, каде наставата се изведува на албански наставен јазик и единаесет образовани асистенти има во средното „Перо Наков“ и на македонски и на албански наставен јазик.

Проблем што засега се јавува е недостаток на кадар

Специјални едукатори и рехабилитатори веќе нема под центарот за вработување, велат од секторот за образование.

- Дефицитарни сме со кадар се бараат со специјално образование да бидат рехабилитатори и едукатори, меѓутоа под центарот за вработување нема, бројката е поголема принудени се да бараат асистенти со приближно образование треба да помагаат пред сè на учениците и да го следат образованиот процес, вели Јовановиќ.

Според Младеновска, законот за основно образование предвидува да се ангажираат лица кои се стекнале со статусот образовен асистент по поминати обуки, филтри и интервјуа со посредство на ресурните центри, и тоа за децата кои имаат МКФ или наод и мислење, што теоретски е во ред. Меѓутоа, како што вели таа, многу деца се ставени на списокот на чекање за фамозната дијагноза и доколку немаат мислење, не може да се ангажира асистент. Проблем е и за учениците кои имаат дијагноза и се случува да немаат асистент. Општина Куманово ангажира преку општинско корисна работа девет месеци асистент.

- Ситуацијата на терен е доволно тешка и комплицирана пред сè, за учениците со посебни образовни потреби, затоа што додека биле во основно имале асистент, а во средно доколку не е обезбеден асистентот преку проект, ќе бидат само „вметнати“ во редовната средина и работата на асистентот практично ќе ја импровизираат инклузивните тимови и наставниците. Потребно е законот за основно да се преслика и во средно ако сакаме да има тотална инклузија, за која лично не сум поборник и сметам дека има многу недостатоци и е неприменлива во Македонија. Недостатокот на асистенти се чувствува во средните училишта каде што сум вработена и јас и точно знаеме дека изработката на модифицирана програма, ИОП и сите можни компетенции на наставниците и инклузивните тимови, не може во целост да му обезбеди помош на ученикот со ПОП онака како тоа што би го правел образовниот асистент, вели Младеновска.

Централна точка е ученикот кој треба да ја добие потребната поддршка која пак извира од заемната доверба помеѓу родителите, наставниците и образовниот асистент. Праксата, додава таа, покажува дека има ученици кои имаат дијагноза, и за кои родителите сметаат дека нема потреба од асистенција што е прифатливо, но и тогаш ученикот треба да добие поддршка од инклузивните тимови, бидејќи е предвидено во законските регулативи.

Образовен асистент му помага на ученикот при совладување на наставната содржина во координација со класниот раководител, предметните професори, стручната служба, како и семејството на крајниот корисник.

Александра Максимовска


Фото: МИА и приватна архива Младеновска
 

Остани поврзан