• недела, 22 декември 2024

Светски ден на бубрегот, во државава 1.540 лица на дијализа

Светски ден на бубрегот, во државава 1.540 лица на дијализа

Скопје, 14 март 2024 (МИА) - Во државава се проценува дека хроничната бубрежна болест е застапена кај 10 отсто од населението, додека во краен стадиум на болеста на лекување со дијализа се 1.540 лица, покажуваат податоците на Здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон“. Здружението под мотото „Унапредување на пристапот до нега и оптимално лекување на бубрежно болните лица“, денеска ќе го одбележи Светскиот ден на бубрегот.

Светскиот дел на бубрегот се одбележува секој втори четврток од март во повеќе од 150 земји ширум светот.  Кај нас се одбележува по 19-ти пат, под покровителство на Меѓународното здружение за нефрологија (ISN) и Меѓународната федерација на бубрежни фондации (IFKF).

На настанот што го организира Здружението „Нефрон“, како што е најавено, ќе се обратат претставници од институциите и ќе одржат стручни предавања со цел едукација на членството, но и подигнување на свеста за превенција на бубрежните болести, нивно рано откривање и изнаоѓање можности за навремен соодветен третман.

Според претседателот на „Нефрон“,  Душко Ѓоргиев, и покрај постигнатото унапредување во пристапот и значајно подобрените услови за лекување со дијализа во земјава, како приоритет останува зголемувањето на превентивната заштита и достапноста на соодветни нови лекови за сите пациенти.

Како најчести причини за откажување на бубрезите, од Здружението „Нефрон“ ги посочуваат дијабетесот и кардиоваскуларните болести. Велат дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економските трошоци за ХББ во терминалната фаза на болеста и затоа е потребен еднаков пристап до скрининг, рана дијагноза и квалитетен третман, како и едукација на пациентите и здравствените професионалци за прифаќање на новите методи и лекови.

- Трансплантацијата како од жив донор и кадавер, е, предизвик и на истата мора многу да се работи за да се одговори на потребите на пациентите, смета Ѓоргиев.

За трансплантација на бубрези чекаат 140 пациенти во земјава, околу 15 за трансплантација на срце и околу 14 за црн дроб. Надлежните велат медицински персонал има, но, потребно е да се едуцир

Настан по повод Светскиот ден на бубрегот организира и Универзитетската клиника за нефрологија во Скопје на кој се предвидени обраќања на директорката на Клиниката доцент доктор Ирена Рамбабова Бушљетиќ, министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири, деканот на Медицинскиот факултет Светозар Антовиќ, ....

Во земјава до јануари беа извршени над 500 трансплантации на Клиниката за урологија. 

- Вкупниот број на трансплантации досега е 502, од кои 85 се кадаверични. Значајно е да се напоменат и трите години за време на пандемијата од Ковид-19, период кога со голем ризик за пациентите, се изведуваа трансплантациите, изјави на 31 јануари годинава директорот на Клиниката за урологија Сашо Дохчев. 

Проценките се дека од хронична бубрежна болест (ХББ) се засегнати повеќе од 850 милиони лица ширум светот.

- Хроничната бубрежна болест се наоѓа на осмо место како водечка причина за смртност во светот и доколку не се преземат сериозни мерки, ХББ се очекува да биде петта причина за смртност до 2040 година. Во текот на последните три децении, напорите за лекување на хроничната бубрежна болест беа насочени кон подготовка и спроведување терапии за замена на бубрежната функција. До три отсто од здравствените буџети во високо развиените земји се трошат за дијализа и трансплантација. Сепак, од 5 до 11 милиони луѓе годишно умираат од бубрежни заболувања, особено во земјите со ниско ниво на развој, поради недостаток на пристап до бубрежно заместителна терапија, наведуваат од здружението „Нефрон“. бд/бак/

Фото: Здружение „Нефрон“, МИА архива

Остани поврзан