• недела, 22 декември 2024

Ретроспективна изложба на Златко Трајковски-Хинки во Мала станица

Ретроспективна изложба на Златко Трајковски-Хинки во Мала станица

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) - Во Мала станица во Скопје од вечерва до крајот на месецот ќе биде отворена изложба која претставува ретроспективен осврт на Златко Трајковски-Хинки, еден од најзначајните уметници кој почна да работи во првата половина на 80-тите години од минатиот век.

Златко Трајковски е визуелен уметник кој твореше во контекст на постмодернистичкото дело. Неговите истражувања и конструкции ги поврзуваат сликарските, скулпторските, амбиенталните и технолошките влијанија. Со други зборови, тој работи со хибридизирани форми на просторот, перцепцијата, комуникацијата и когнитивното мапирање на визуелните ефекти.

Изложбата е пример за неговиот уметнички и естетски одговор на противречностите, антагонизмите и отуѓувањата својствени на глобалната идеологија. Златко луцидно го покажа потенцијалот за трансформација на модерното општество и важните односи меѓу поединците, како и односите меѓу поединците и колективите, поединците и институциите и меѓу самите институции.

Како што соопштија од Националната галерија, оваа изложба е составена од повеќе тематски целини во различни медиуми – мултимедијално претставување, каде се застапени дела во конвенционални медиуми (цртеж, слика, колаж, графика...), видеоарт, музика и документирани перформанси, како и фотографии, чиј меѓусебен однос сочинува сложена инсталација и нивната поединечна анализа би била само општ опис на изложеното.

-Затоа оваа изложба треба да се гледа како претопување и присоединување на микронаративите што создаваат нова естетско-концептуална целина – макронаратив со заеднички именител. Така се создава нова уметничка ситуација во која се одразуваат одредени конкретни состојби врз основа на личните и интимните приказни, кои колку што се лични толку се и воопштени и развиваат нови односи, перспективи и погледи на светот. Оваа изложба, всушност, претставува „ослободување“ на сидрото што го држи минатото и запловување кон иднината, појаснуваат од Националната галерија. бт/ев/

Фото: Национална галерија

Остани поврзан