• понеделник, 23 декември 2024

Почнува 27. издание на Моден викенд Скопје

Почнува 27. издание на Моден викенд Скопје

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - „Улогата на заедницата во свесен дизајн и мода“ е темата на годинашното 27. издание на Моден викенд во Скопје (FWSK) кој започнува денеска и ќе трае до 30 септември.

Како што информираат организаторите, FWSK ќе го трансформира комплексот Urban Garden во скопскиот Аеродром во раздвижен центар на модата и креативноста. 

- Ова нема да е само полигон за прикажување на најновите колекции од младите дизајнери за оваа сезона. Тридневната екстраваганција има намера да поттикне значајни разговори, поставувајќи покрај модната писта и простори за работилници, уметност, проекции на филмови и ангажирани разговори кои навлегуваат од интересен агол во актуелната тема за одржливоста во модното царство, велат оттаму.

Дополнуваат дека идејата на FWSK не е само да презентира, туку да ја едуцира, инспирира и придвижува заедницата кон поодржлива иднина.

- Со нудење на спој на модни ревии, експериментални колекции и необични простори за излагање, FWSK има за цел не само да ја истакне убавината и уметноста на дизајнот, туку и да ја нагласи колективната одговорност на модната индустрија кон нашата планета. Овој настан е етаблиран повик за акција, потсетувајќи ги сите вклучени - од дизајнери до потрошувачи - на критичната улога што ја играат во обликувањето на иднината, дополнуваат тие. ар/аа/

ФОТО/FWSK

Остани поврзан