• сабота, 27 јули 2024

Новинари во студиска посета на Виена

Новинари во студиска посета на Виена

Скопје, 25 ноември 2023 (МИА) - Новинари од повеќе национални медиуми во земјава во периодот од 21 до 23 овој месец беа во студиска посета на Виена организирана од Делегацијата на ЕУ и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Новинарите имаа можност да разговараат со претставници на повеќе владини и меѓународни медиумски организации со седиште во Виена меѓу кои со амбасадорката на Постојаното претставништво на ЕУ во ОБСЕ, Раса Остраускаите, со австрискиот министер за надворешни работи Алексадар Шаленберг, како и со шефот на Постојаната мисија на Северна Македонија во ОБСЕ, Игор Џундев и неговиот тим.

Тимот новинари имаше средба и со претставничката на ОБСЕ за слободата на медиумите, Тереза Рибеиро, која беше информирана за предизвиците со кои се соочуваат новинарите, како и за актуелните случувања што ги нарушуваат принципите на слободата на медиумите во земјава.

Посетата беше организирана во контекст на македонското претседавање со ОБСЕ со цел подобро запознавање на новинарите со аспекти од соработката меѓу ЕУ и ОБСЕ, вклучително и за теми поврзани со активностите на ОБСЕ за слободата на медиумите, ширењето дезинформации како безбедносна закана, манипулацијата со информации, хибридните закани...Меѓу другото, стана збор и за претстојниот министерски совет на ОБСЕ во Скопје којшто ќе се одржи на 31 ноември и 1 декември, за ефектите од одлуките што треба да бидат донесени, како и за други актуелни прашања поврзани со евроинтегративниот процес на државава.

Во разговор со министерот за надворешни работи и други високи претставници на Министерството беше потенцирана важноста од исполнување на договорените обврски на земјава со цел успешно продолжување на евроинтегративниот процес, а се разговараше и за други актуелни прашања во доменот на регионалната и меѓународната политика.

Новинарите го посетија и Меѓународниот прес-институт (International Press Institute-IPI) каде директорот Фране Мароевиќ и неговиот тим информираа за нивните активности во регионот и пошироко, како и за помошта што ја обезбедуваат за новинарите кои се соочуваат со закани и притисоци.

Во рамки на посетата, новинарите го посетија и Јавниот сервис на Австрија - ОРФ каде се запознаа со високите стандарди и услови за работа во оваа медиумска куќа. бак/дма/

Фото: МИМ

 

 

 

 

Остани поврзан