„Меѓаши“ ќе ја најави четвртата конференција за мировно образование
- Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска на прес-конференција ќе ја најави четвртата Конференција за мировно образование која официјално ќе биде отворена утре и ќе трае до 22 ноември.
Скопје, 20 ноември 2025 (МИА) - Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ денеска на прес-конференција ќе ја најави четвртата Конференција за мировно образование која официјално ќе биде отворена утре и ќе трае до 22 ноември.
„Меѓаши“ информира дека целта на конференцијата е да укаже на потребата од подлабока интеграција на мировното образование во наставните курикулуми преку промовирање на мирот и ненасилството како основни вредности во воспитно-образовниот систем.
-На тридневната конференција ќе се организираат низа настани и дебати за промоција на вредностите на мирот, следејќи ја мисијата на „Меѓаши“ за менување на светот на учениците – од намалување на насилството до негување дијалог и емпатија. Мировното образование денес претставува една од највредните инвестиции во иднината на младите генерации – ги подготвува да придонесуваат кон изградба на стабилно и мирно општество во кое секој ужива право на еднакви можности, наведува Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Проектот за мировно образование „Меѓаши“ го спроведува уште од 2011 година и оттогаш над 300 наставници и стручни служби спровеле различни активности со повеќе од 8000 ученици.
На прес-конференцијата ќе се обратат Драги Змијанац - претседател и соосновач на „Меѓаши“, Фатмире Ајдари – мировна активистка и координаторка на програмата за мировно образование, Амјад Митри - регионален координатор за Западен Балкан, Сафет Незири - државен советник во Министерството за образование и наука и Валентина Штерјовска – професорка во СОУ „Гостивар”. хс/бак/
Фото: Прва детска амбасада во светот „Меѓаши“