Нацрт-буџетот на Грција за 2024 година предвидува пад на инфлацијата и невработеноста и зголемен раст
- Стапка на раст на економијата од 3 отсто, пад на инфлацијата на 2,4 проценти, намалување на невработеноста од 11,2 оваа година на 10,6 отсто, примарен суфицит 2,1 отсто од БДП, наспроти 1,1 проценти оваа година, предвидува, меѓу другото нацрт-буџетот на Грција за 2024 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 3 октомври 2023 (МИА) – Стапка на раст на економијата од три отсто, пад на инфлацијата на 2,4 проценти, намалување на невработеноста од 11,2 оваа година на 10,6 отсто, примарен суфицит 2,1 отсто од БДП, наспроти 1,1 проценти оваа година, предвидува, меѓу другото нацрт-буџетот на Грција за 2024 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Според информациите од Министерството за национална економија и финансии на Грција, следната година се очекува деескалација на јавниот долг, на 152,2 отсто од БДП од 159,3 отсто во 2023 година и 171,4 проценти лани.
За следната година планирани се и иницијативи за зголемување на приходите на граѓаните и дополнително укинување на даночните оптоварувања во висина од 2,1 милијарда евра.
Како пример, од надлежното Министерство ги споменуваат зголемувањето на платите на државните службеници, зголемувањето на пензиите, зголемувањето на низа додатоци, намалување на специјалниот данок за сопственост на недвижнини за осигурени домови од природни катастрофи, ваучери за младите на 18 и 19-годишна возраст итн.
Паралелно, предвидено е за тековнава година, иако не беше наметнат нов данок, ниту пак беа зголемени даночните стапки, јавните приходи да бидат зголемени за 9,1 отсто во споредба со лани, односно од 56,2 милијарди лани на 61,3 милијарди евра годинава.
Ова, според Министерството се должи на високите стапки на раст на грчката економија, значителниот пораст на туристичките приходи, на зголемувањето на платите и пензиите, како и на широката употреба на кредитните картички и воопшто зголемувањето на електронските трансакции.ср/сд/