• недела, 22 декември 2024

Национал: Сребреница - единственото место каде муслиманите и Евреите си подаваат рака

Национал: Сребреница - единственото место каде муслиманите и Евреите си подаваат рака

Сараево, 27 јануари 2024 (МИА) - Сеќавајќи се на милионите жртви од Втората светска војна, муслиманите и Евреите денес имаат заедничка обврска да соработуваат и да го зачуваат мирот и да се спротивстават на злото во кое страдаат невини ширум светот, е пораката што денеска од Сребреница ја испратија учесниците на митингот посветен на жртвите на Холокаустот, пишува хрватски „Национал“.

По повод Меѓународниот ден на сеќавање на Холокаустот, Меморијалниот центар во Поточари кај Сребреница, кој ги чува спомените на повеќе од седум илјади Бошњаци убиени во геноцидот во 1995 година, организираше состанок на кој ја претставија муслиманско-еврејската мировна иницијатива со цел да се промовира меѓусебно разбирање и дијалог меѓу двете верски заедници.

- Денес ова е единственото место каде што муслиманите и Евреите си пружаат рака на соработка, рече Хамдија Фејзиќ, претседател на управниот одбор на меморијалниот центар во Сребреница.

Поглаварот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина, Хусеин Кавазовиќ, кој е меѓу потписниците на мировната иницијатива, рече дека сеќавањето на милионите жртви на нацистичката идеологија има посебно значење во Сребреница, каде што се повтори злосторството геноцид.

- Посветеноста на споменот на жртвите и отфрлањето на секој облик на исламофобија и антисемитизам е начин тие да ги споделат своите стравови и грижи меѓу себе и патоказ за соработка за да не се повторат злосторствата, рече Кавазовиќ, опишувајќи ги врските меѓу муслиманите и Евреите во Босна и Херцеговина како нераскинливи, нагласувајќи дека ниту еднити, ниту другите, и покрај злото, не губат надеж во човештвото.

Во време на невидено страдање во Светата земја, Кавазовиќ оваа соработка ја смета за уште поважна и потсетува како Саборот на Исламската заедница во Босна и Херцеговина повика на мир и крај на спиралата на насилство и воспоставување мир.

Тој експлицитно го осуди нападот на Хамас врз Израел и земање заложници, како и злосторствата врз невините палестински цивили за време на нападот врз Газа.

- Секое злосторство треба да биде предмет на независни истраги и судски процеси“, рече Кавазовиќ, додавајќи дека мировната иницијатива е покана до сите, особено до католичките и православните соседи и тие да се придружат, пренесува Национал.

Менахем Розенсафт, актуелен шеф на Федерацијата на здруженија Берген-Белсен со седиште во Њујорк и до неодамна потпретседател на Светскиот еврејски конгрес (WJC), кој исто така е потписник на декларацијата, рече дека Евреите денес се сеќаваат на злото што им беше направено ним, но и на сите кои се спротивставија на злото штитејќи ги жртвите на нацистичкиот прогон, а меѓу нив имаше и многу муслимани во Босна и Херцеговина.

- Таквите личности сè уште се поттик за заедничката обврска да се олеснат страдањата на невините како и да не се дозволи почеток на нов циклус на дивјаштво и непромисленост, особено кога целта е да се истребат луѓе поради нивниот идентитет, вели Розенсафт.

- Мораме да го осудиме и отфрлиме дивјаштвото на Хамас врз Евреите на 7 октомври... и во исто време подеднакво јасно кажувам дека не смееме да бидеме рамнодушни кон смртта и раселувањето на Палестинците во Газа. Секој што има душа и срце мора да чувствува тага за страдањата на Палестинците, потенцираше Розенсафт.

Високиот меѓународен претставник за Босна и Херцеговина Кристијан Шмит рече дека должност на сите е да се сеќаваат на жртвите на Холокаустот бидејќи тоа е злосторство што го погоди целиот свет.

Од тоа, како што истакна, треба да се извлечат вистинските пораки за иднината, што е исклучително важно во денешниот длабоко поделен свет на кој му треба разбирање и помирување и кога недостасуваат зборови на мудрост од оние на кои треба да им верувате.

- Затоа, муслиманско-еврејската иницијатива за мир претставува нешто уникатно по својата природа, а нејзината важност е далекусежна бидејќи разбирањето и соработката на муслиманските и еврејските лидери може да биде пример за сите, рече Шмит, изразувајќи надеж дека на иницијативата ќе се приклучат и христијанските заедници.

Тој остро го осуди негирањето на геноцидот во Сребреница, опишувајќи го како недозволив историски ревизионизам кој има далекусежни последици, за што најдобро сведочат страдањата на Украина денес. ссм/

фото: принтскрин

Остани поврзан