• недела, 22 декември 2024

Националната конвенција препорачува побрза размена на податоци и јавен надзор за поефикасно судство 

Националната конвенција препорачува побрза размена на податоци и јавен надзор за поефикасно судство 

Скопје, 6 ноември 2024 (МИА) - Целосна имплементација на Платформата за интероперабилност меѓу судовите и релевантните институции за побрза размена на податоци, приоритетно финансирање на дигитализацијата, јавен надзор на судските постапки, како и обука на судската администрација и судиите за новите системи, се дел од препораките од 15. Сесија на Националната конвенција за Европската унија во Република Северна Македонија, Работната група 3, посветена на правосудството и темелните права.

На сесијата што се одржа денеска во Клуб на пратеници беше истакната потребата за унапредување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на судската правда. Во контекст на ова, беа предложени неколку клучни препораки.

Првата препорака е владата и надлежните институции да го забрзаат процесот на развивање и целосна имплементација на Платформата за интероперабилност меѓу судовите и други релевантни институции. Ова ќе овозможи побрза размена на податоци, особено во случаи каде се потребни информации од други институции како што се, на пример, МВР, УЈП и други, што ќе го скрати времето на судските постапки и ќе го подобри пристапот до правдата.

Потоа, во судовите треба да се воспостави механизам за брзо обезбедување на потребни информации и податоци преку назначување на интерни контакт лица (лица за врски) со безбедносни сертификати и привилегиран пристап до податоци од релевантни институции (на пример, МВР, Централен регистар, Агенција за катастар на недвижности, УЈП, итн) кои би можеле да прибавуваат потребни информации за судските постапки без да се испраќаат формални барања во форма како што тоа сега се прави. Овој модел, кој веќе е применет во ОЈО Скопје, но треба да се примени и во судовите, може да послужи како времено решение до целосната имплементација на Платформата за интероперабилност.

Третата препорака е финансиската поддршка и техничките ресурси за дигитализација да бидат приоритет на владата. Тоа вклучува развој на современи системи за „е-суд", кои ќе овозможат поднесување на документи и управување со судските предмети електронски, што ќе го подобри ефикасното решавање на судските спорови.

Потребно е да се воспостават и механизми за јавен надзор на судските процеси преку дигитални платформи, овозможувајќи граѓаните и невладините организации да следат како напредуваат судските предмети. Можноста да се опсервира движењето на судските предмети ќе го зголеми нивото на транспарентност и ќе придонесе кон поголема доверба во судството.

Петтата препорака е судската администрација и судиите да добијат соодветна обука за работа со новите дигитални системи и безбедносни процедури за заштита на податоците. Обучен персонал е клучен за успешно спроведување на новите технологии во судскиот систем.
Се препорачува и Северна Македонија да ги разгледа успешните модели за дигитализација и интероперабилност од земјите-членки на ЕУ. Споделувањето искуства и знаења може да помогне во брзо и ефективно прилагодување на новите технологии, но и на законската основа за нивна имплементација.

Со воведувањето на новите дигитални платформи, како седма препорака, потребно е да се воспостават и софистицирани безбедносни мерки кои ќе го намалат ризикот од злоупотреба на податоците и корупција. Системите треба да бидат отпорни на сајбер напади и злоупотреби.
Осмата препорака налага процесот на дигитализација и реформа да има континуиран надзор преку специфични индикатори за ефикасност, за што е потребно да се ревидираат стратегите според потребите на судскиот систем.

Последната препорака вели дека врз ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата влијаат и капацитетите во правосудството. Така, нееднаквата оптовареност на судиите и јавните обвинители со предмети има импакт врз брзината на постапките и квалитетот на пресудите, а е и еден од факторите за воедначена судска пракса и конзистентна политика на казнување и судска заштита на правата на граѓаните. Се препорачува да се отвори одново дискусија за потребата од реорганизација и оптимизација на судската мрежа и капацитетите во правосудството.
Овие препораки имаат за цел да ја подобрат ефикасноста на судските постапки и да го зголемат квалитетот на судската правда, истакнувајќи ја важноста на владеењето на правото и заштитата на човековите права.

Во воведното обраќање на сесијата, министерот за правда изјави Игор Филков дека ефикасниот правосуден систем има клучна улога во владеењето на правото, заедно со квалитетот и независноста на судството.

-Ефикасниот правосуден систем има клучна улога во владеењето на правото, заедно со квалитетот и независноста на судството. Тоа не е само еден од главните предуслови за создавањето на поволна инвестициска и бизнис-ориентирана средина, туку исто така и клучна претпоставка за борба против криминалот и корупцијата, и гаранција за основните човекови слободи и права, рече тој.

Министерот подвлече дека должината на судските постапки е главен аспект на ефикасноста и дека долготрајноста на постапките останува еден од најголемите проблеми во правосудството, кој генерира повреди на човековите права. 

Тој нагласи дека министерството целосно ја поддржува работата на платформата за реформи во правосудството и активно учествува во креирањето на препораки за унапредување на состојбите во судството и јавното обвинителство. ар/ев/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан