• сабота, 10 август 2024

Над 170 мигранти спасени во Грција во три одделни случаи во изминатите три дена

Над 170 мигранти спасени во Грција во три одделни случаи во изминатите три дена

Атина, 9 август 2024 (МИА) – На три различни локации, во близина на островите Гавдос, Закинтос и на Сими денеска, вчера и во средата, во три одделни случаи, крајбрежната служба на Грција открила и спасила вкупно 177 бегалци и мигранти, јави дописничката на МИА од Атина.

Во раните утрински часови биле откриени и спасени 52 мигранти кои се пренесувале со рибарски чамец на 63 наутички милји јужно од малиот остров Гавдос, што воедно е најјужната точка на Грција, а биле преземени од товарен брод што пловел во близина и безбедно пренесени на копно.

Вчера крајбрежната служба на островот Сими била известена за група во близина на залив на островот и бил откриен 51 странски државјанин од кои 15 деца, кои рекле дека на островот пристигнале со два глисери од турското крајбрежје, а за патувањето платиле по 4.500 американски долари.

Последниот случај за кој денеска информираа од крајбрежната служба на Грција е за спасувачка акција на 74 бегалци и мигранти во средата попладне во морскиот дел на 26 наутички милји западно од островот Закинтос.

Меѓу спасените 53 мажи, 12 деца и девет жени, биле и петмина криумчари кои се и уапсени.

Мигрантите тргнале од Мармарис во Турција, а платиле по 8.500 евра за по морски пат да стигнат до Италија. ср/мс/

Фото: Крајбрежна служба на Грција

Остани поврзан