Сојузниците од НАТО склучија неколку договори за зајакнување на одвраќањето и одбраната
- На маргините на Самитот на НАТО во Хаг денеска во присуство на заменичката генералната секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска, беа потпишани неколку договори за нови мултинационални проекти за зајакнување на одвраќањето и одбраната на Пактот и за проширување на постојните.
Хаг, 24 јуни 2025 (МИА) - На маргините на Самитот на НАТО во Хаг денеска во присуство на заменичката генералната секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска, беа потпишани неколку договори за нови мултинационални проекти за зајакнување на одвраќањето и одбраната на Пактот и за проширување на постојните.
Како што соопшти НАТО, Белгија, Велика Британија, Германија, Грција, Данска, Италија, Канада, Норвешка, Полска, Турција, Холандија и Шведска се обврзаа на заедничко стекнување, складирање, транспорт и управување со залихи на критични суровини за одбраната, вклучително и преку рециклирање на постојните производи.
Овој проект ќе помогне да се олесни пристапот за снабдување со критични суровини за одбраната, како што се литиум, титаниум и други ретки материјали, кои и се потребни на одбранбената индустрија за да ги испорача потребните капацитети за да ги заштити луѓето.
Тој, исто така, ќе помогне НАТО да биде помалку ранлив на шокови во снабдувањето и да се намали зависноста од надворешни добавувачи. Проектот ја поддржува имплементацијата на Патоказот на НАТО за безбедност на критичниот синџир на снабдување во одбраната, договорен од министрите за одбрана во јуни 2024 година.
Данска и Шведска се придружија на Програмата за мултинационална транспортна флота (ММФ), а Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (НСПА) потпиша договор со „Ербас“ за набавка на транспортни авиони A330, зголемувајќи ја сегашната флота на 12 летала. МФФ им обезбедува на земјите учеснички можност за полнење гориво во воздух, стратешки воздушен транспорт и авиомедицинска евакуација.
Естонија, Финска, Италија, Латвија, Холандија и Шведска поставија нови темели во поддршката на понатамошната интеграција на новите технологии во воените операции, најавувајќи воспоставување на први полигони за иновации на НАТО. Тие ќе бидат клучен столб на Акцискиот план, кој се очекува сојузничките лидери да го одобрат утре во рамки на Самитот на НАТО, а кој има за цел да го забрза прифаќањето на иновациите, брзо да ги искористи новите технологии за да ги исполни целите за способности и да го зголеми производствениот капацитет преку вклучување на нетрадиционални добавувачи во одбранбената индустриска база. Ова ќе им овозможат на сојузниците и на НАТО да тестираат, усовршуваат и потврдуваат нови технолошки производи во оперативно реални средини.
Организацијата за поддршка и набавка на НАТО (НСПО), пак, потпиша Договор за партнерство со Австралија, што ќе и овозможи на земјата учество во целиот спектар на активности и услуги на Агенцијата за поддршка и набавки на НАТО (НСПА). сп/
Фото: НАТО