• петок, 26 април 2024

Над 100 судии од Европскиот суд за човекови права и од регионот ќе учествуваат на најголемиот регионален судски форум за родова еднаквост

Над 100 судии од Европскиот суд за човекови права и од регионот ќе учествуваат на најголемиот регионален судски форум за родова еднаквост

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Над 100 клучни судии и други правосудни дејци од регионот и пошироко, вклучувајќи ја претседателката и судии на Европскиот суд за човекови права, претседатели и судии на регионални судски и други државни институции, академици и невладини организации ќе се соберат утре во Белград на вториот регионален судски форум „Родова еднаквост и Западниот Балкан‟, организиран од AIRE центарот, со поддршка од Владата на Обединетото Кралство, во соработка со комесарката за заштита на еднаквоста во Србија и невладината организација FemPlatz (ФемПлац).

Целта на Форумот е да се осврне на прашањето како судството може ефективно да одговори на различните видови родова нееднаквост и насилство во Западниот Балкан.

Форумот, како што информираат од  AIRE центарот, ќе биде искористен како можност за дискутирање на тековната состојба на родова нееднаквост во Северна Македонија. 

-Дискриминацијата заоснована врз пол е вградена во разни аспекти на општеството, почнувајќи од јавниот до приватниот живот на жените. Како можеме да ги зајакнеме жените и маргинализираните поединци/поединки и што е неопходно за навистина да се постигне многу поширока општествена промена во врска со овој проблем? Два клучни фактора можат да ги оснажат жените и маргинализираните поединци/поединки да го стекнат местото во општеството што со право им припаѓа, имено, образованието и финансиската независност. Според моето мислење, правосудниот сектор исто така има клучна улога, првенствено преку креирање и практикување построга казнена политика кога се изрекуваат санкции за сторителите на кривични дела од овој вид, изјави Билјана Белевска Пројковска, судијка на Основниот суд Охрид.

Габриела Гајдова, судијка на Основниот суд Велес, смета дека најголемиот проблем во справување со родово заснованото насилство во Северна Македонија е родовата несензитивност на институциите на системот, како што се полицијата, јавните обвинителства и судовите. -Според моето мислење, овие пречки можат да се надминат со создавање прирачници, со промовирање правила за справување со случаи на родово засновано насилство и со континуирана обука на полицајци како да дејствуваат кога добиваат поплака или тврдење со кое некој се обвинува за родово засновано насилство, бидејќи тие се првата институција каде што жртвата оди, како и континуирана обука на јавните обвинители и судии, нагласува таа. 

Билјана Брејтвејт, програмска директорка за Западниот Балкан во AIRE центарот смета дека општеството наметнува родови норми кои длабоко се испреплетени со секој аспект на јавниот и приватниот живот на жените во Западниот Балкан.

-Родово засновано насилство, нееднаков пристап до образование, дискриминација на работното место, ниско ниво на учество во политиката и нееднаквост во поглед на сопственоста се само некои од штетните симптоми и последици на длабоко вкоренетата нееднаквост со која жените од овој регион се соочуваат во секојдневието на нивните животи. Вистина е дека Западниот Балкан направи клучни почетни чекори во справување со овие проблематични прашања, преку усвојување на меѓународни договори и домашни правни рамки кои забрануваат родово заснована дискриминација и насилство, но недостига ефективно спроведување, а улогата на судството е клучна во овој поглед, додава Брејтвејт. ац/

Остани поврзан