• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
1 јули 2020 (МИА) - Меѓународен ден на архитектурата и Ден на архитектите на Република Македонија 1535.- Британскиот филозоф и државник сер Томас Мор бил осуден на смрт поради велепредавство откако одбил да положи заклетва за верност на кралот Хенри Осми. 1804.- Во Париз е родена Жорж Санд (вистинското име и е Орора Дипен), француска писателка, чии собрани дела опфаќаат сто томови. Таа била борец за еманципација на жените и голем критичар на хипокризијата во тогашното општество. Пишувала сентиментални и социјални романи и раскази за селото. Умрела на 8 јуни 1876 година. 1860.- Умре американскиот пронаоѓач Чарлс Гуџер, кој во 1839 година го открил процесот на вулканизација на каучукот, со што придонесол за побрз развој на индустријата на гумата, особено за производство на гумите за автомобили. 1867.- Под притисок на Канаѓаните, британската Влада донесла „Северноамерикански закон“ со кој била воспоставена канадска држава под називот „Доминион“. Поради опасност од многу посилните САД, Канаѓаните наместо на југ, од тој момент тргнале во освојувањето на големите пространства на запад по течението на реката Сент Лоренс, преку големите езера, прерии и карпести планини. Создадена е голема држава од 10 милиони квадратни километри со 50 милиони жители. - Национален празник на Канада. 1871.- Рим станал престолнина на Обединета Италија. 1872.- Умрел францускиот инженер и пилот Луј Блерио, пионер на воздухопловството, кој во 1909 година прв со авион го прелета Ламанш. Во Првата светска војна произведувал авиони за француското воено воздухопловство, кои биле меѓу најуспешните во тоа време. 1884.- Умрел американскиот детектив од шкотско потекло Ален Пинкертон, кој во 1850 година ја основал Националната детективска организација „Пинкертон“. 1902.- Роден е американскиот филмски режисер од германско потекло Вилијам Вајлер, чии филмови се одликуваат со стилска перфекција. Добитник е на Оскар за филмовите „Госпоѓа Минивер“, „Бен Хур“, „Најубавите години на нашиот живот“. Други филмови: „Оркански висови“, „Мали лисици“, „Како да се украдат милион долари“, „Наследничка“, „Детективски приказни“, „Кри“, „Празник во Рим“, „Пријателско убедување“. 1921.- На таен состанок во Шангај била основана Комунистичката партија на Кина, која по неполни три децении ја освоила власта. 1931.- Родена е американската филмска актерка од француско потекло Лесли Карон. Филмови: „Американец во Париз“, „Жижи“, „Лили“, „Фани“. 1942.- Трупите на нацистичка Германија во Втората светска војна по осуммесечната опсада, го зазеле руското црноморско пристаниште Севастопол на полуостровот Крим. 1960.- Формирана била обединета и независна Република Сомалија. - Национален празник на Демократска Република Сомалија. 1961.- Родена е Дајана Спенсер, идната сопруга на британскиот престолонаследник принцот Чарлс и принцеза од Велс. 1961.- Роден е американскиот атлетичар од африканско потекло Карл Луис, еден од најуспешните спортисти на 20. век. 1962.- Руанда и Бурунди прогласиле независност. - Национален празник на Република Бурунди. 1969.- Данска станала првата земја во која била дозволена продажбата и производството на порнографија. 1974.- Умрел аргентинскиот државник Хуан Доминго Перон, претседател од 1946 до 1955 и од 1973 година па се до смртта. Неговата сопруга Ева Перон била исклучително популарна. Тој во 1955 година ја одвоил црквата од државата, поради што римокатоличката црква го екскомунирала. Во септември 1955 година бил соборен од побунетиот дел на копнената војска и морнарица, по што емигрирал. По враќањето во земјата, во септември во 1973 година повторно бил избран за претседател на Аргентина. 1984.- Умрела Лилиан Хелман, американска писателка. Позната е по напредните и слободоумни идеи. Напишала голем број драмски дела, од кои најпознати се „Малите лисици“, „Деновите што ќе дојдат“, „Стража на Рајна“ и други. Родена била во 1905 година. 1991.- Лидерите на источноевропските земји на состанокот во Прага го укинале Варшавскиот пакт кој на 14 мај 1955 година го склучиле Советскиот Сојуз, Бугарија, Полска, Романија, Чехословачка и Унгарија, како одговор на основањето на НАТО. 1993.- Малезија ја признала Република Македонија. 1993.- Македонските железници станале рамноправна членка на Меѓународната унија на железниците (УИЦ). 1994.- По 27 години прогонство, палестинскиот лидер Јасер Арафат го направил своето историско враќање во Газа. 1997.- Умрел американскиот филмски актер Роберт Чарлс Дуран Мичам. Филмови: „Приказна за Г. И. Џоу“, „Од минатото„, „Црвениот пони“, „Макао“, „Ангелско лице“, „Втора шанса“, „Дандидо“, „Ловци„, „Најдолгиот ден“, „Елдорадо“, „Добри и лоши момчиња“, „Збогум убавице“, „Рајановата ќерка“, „Битката за Мидвеј“, „Љубовниците на Маријана“, „Амбасадор“. 2000.- Данската кралица Маргарета Втора и шведскиот крал Густав Шеснаесетти во сообраќај го пуштиле 16 километри долгиот „Оресундски мост“, помеѓу Малме и Копенхаген, најдолг патничко-железнички мост во светот. Мостот бил граден четири години и чинел три милијради долари, а на Шведска и овозможи друмски да биде поврзана со континентална Европа. 2002.- Формално започнал со работа Меѓународниот кривичен суд во Хаг, кој е надлежен во случаите на делата поврзани со геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото, сторени од денот на воспоставувањето на тој суд. 2004.- Соборениот ирачки претседател Садам Хусени за првпат се појавил пред судот во кој му било прочитано обвинувањето за злосторствата против ирачкиот народ. Тоа било првото Садамово појавување во јавноста по седум месеци поминати во затвор. 2006.- Умрел поранешниот јапонски премиер Ријутаро Хашимото. На чело на владата се наоѓал од јануари 1996 до јули 1998 година. Хашимото ќе биде запаметен по тоа што во текот на неговиот мандат била отворена нова страница во дипломатските односи со Кина кои биле затегнати речици еден век. 2013.- Хрватска станала 28-та земја членка на ЕУ, 22 години по прогласувањето на нејзината независност од поранешна Југославија. Хрватска е втората поранешна југословенска република која стана членка на Унијата по Словенија, која се приклучи кон блокот во 2004 година. Хрватска поднесе барање за членство во ЕУ во 2003 година, а официјален статус на кандидат доби во 2004 година. Преговорите за членство ги започна во октомври 2005 година, а тие завршија во 2011 година со потпишување на договорот со Брисел. Ратификацијата на овој договор од страна на 27-те земји-членки заврши во март оваа година. 2016.- Почина еден од најзначајните француски и современи светски поети, Ив Бонфоа, кој во 1999 година за неговото исклучително поетско творештво беше награден со „Златен венец“ на СВП. Неговото обемно книжевно дело го сочинуваат поетски книги, студии, есеи, преводи. Неговата лирска библиографија ја сочинуваат и книгите: „Пустината што владееше вчера“, „Напишан камен“, „Во стапицата на прагот“, „Песни“ и бројни други дела преведени на триесетина јазици. До последниот животен миг остана активен како книжевен творец. Неодамна ги објавил и последните две книги, поетската „Црвениот шал“ и есејот „Поезија или сознание“. Тој е исто така еден од најдаровитите преведувачи од англиски и други јазици. Неговите преводи на повеќето од драмите на Шекспир се сметаат за најдобрите на француски јазик. Ги превел и Јејтс, Петрарка, Јоргос Сеферис и редица други значајни светски автори. Носител бил бројни признанија, меѓу кои и наградите „Монтењ“, Големата национална награда за поезија на Франција, „Гонкур“ за поезија, „Сино Дел Дука“, „Балзан“, „Кафка“ (2007) итн. Прогласен бил за почесен доктор на Американскиот универзитет, на Универзитетот Нојшател, на Универзитетот во Чикаго и во Даблин. Ив Бонфоа бил роден на 24 јуни 1923 година во Typ, Ендр-е-Лоар. ###

Остани поврзан