• среда, 20 ноември 2024

МФ: СБ посочува дека владините мерки придонесоа кон враќање на едноцифрена инфлација

МФ: СБ посочува дека владините мерки придонесоа кон враќање на едноцифрена инфлација

Скопје, 19 октомври 2023

Економскиот раст умерено ќе забрза на среден рок, како резултат на повисоките јавни инвестиции и заздравувањето на приватната потрошувачка, додека продолжувањето на преговорите за членство со Европската Унија може да придонесе кон забрзување на реформскиот процес и зголемување на потенцијалот за раст, се констатира во извештајот на Светската банка за регионот на Западен Балкан во очекувањата за РС Македонија.

Зголемување на капиталните расходи и нивно извршување преку среднорочното буџетирање, заедно со фискалната консолидација и фискалната одржливост, како дел од реформите во буџетскиот процес, исто така ќе бидат клучни во забрзување на растот на среден рок. Светската банка очекува инфлацијата да продолжи да се намалува годинава и следната година, додека историски ниското ниво од околу 2% би се постигнало во 2025 година. Порастот на реалните плати ќе продолжи со новите покачувања во јавниот сектор, како и со новиот колективен договор за плати во администрацијата до година.

На кус рок, односно за годинава, проекцијата за раст на Светска банка за земјава, исто како и на БиХ, Косово и Србија, е 1,8%. Намалените очекувања за раст се поврзани со намалените проекции за раст на Европската унија и рецесијата во Германија, имајќи предвид дека тие се нашите најголеми трговски партнери, а нашата економија е мала и отворена економија со надворешна трговија на ниво од 160% од БДП. Во извештајот се наведува и дека се очекува раст на капиталните расходи за 2,5 процентни поени од БДП во текот на 2023 година, како резултат на крупните инфраструктурни проекти, пред се автопатите на Коридорите 8 и 10, за кои се посочува дека веќе придонесуваат кон креирање на нови работни места во секторот градежништво. Заклучно првото полугодие буџетскиот дефицит е околу 2,6%, а покачувањата на платите во јавниот сектор.создаваат фискални притисоци. Сепак, солидарниот данок и прилагодувањето на повластениот ДДВ на одредени производи, како и престанокот на даночните ослободувања за дел од компаниите од ТИРЗ ќе создадат дополнителен фискален простор за антикризни мерки. Инфлацијата се врати на едноцифрени стапки, за што помогнаа и владините мерки за замрзнување на цените, се наведува во извештајот, иако сѐ уште постојат ризици за нови притисоци.

Реалната плата, со вкалкулираните ефекти од инфлацијата расте од април 2023. Раст на платите е забележан во сите стопански сектори во првата половина од годината, како резултат на растот на минималната плата. Растот на платите на работниците во градежништвото, администрацијата и образованието за овој период е над просекот. Растот на платите ќе продолжи и понатаму со новиот колективен договор кој Владата го потпиша за јавниот сектор во август 2023 година, кој вклучува зголемување на платите од 10 проценти од септември 2023 година, ревизија на методологијата за утврдување на платите од 2024 година која ја поврзува основната плата со националната бруто-плата и регрес за годишен одмор во висина од 30 проценти од просечната нето плата. Минималната плата се зголеми двојно побрзо во Западен Балкан во споредба со ЕУ. Односот на минималната плата и просечната плата е над 50 отсто во три земји во регионот, односно во Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, се наведува во извештајот на Светската банка.

Исто така, СБ нотира дека невработеноста кај младите ќе продолжи да се намалува и за период од три години ќе се намали за околу 9%.  Стапката на сиромаштија во континуитет ќе се намалува, за да на среден рок кумулативно се намали за 20%. БДП по глава на жител на среден рок ќе се зголеми за 7%,  а потенцијалот на македонската економија за раст ќе се зголемува како што земјата се приближува кон ЕУ преку реформскиот пат за структурни реформи и јакнење на економијата.

Министерство за финансии

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан