• петок, 17 мај 2024

Муцунски: Со над 280.000 гласови разлика беше поразена корумпираната власт - народот одбра промени, а СДСМ и ДУИ да одат во опозиција

Муцунски: Со над 280.000 гласови разлика беше поразена корумпираната власт - народот одбра промени, а СДСМ и ДУИ да одат во опозиција

9 мај 2024

Вчера се случи историја. Вчера народот повторно ја направи Македонија своја и горда и јасно покажа дека Македонија треба да чекори во правецот на напредокот, успесите, реформите и европските стандарди. Вчера победи Македонија, победи народот, победија и Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Бошњаци и Власи, победија граѓаните. Затоа упатувам огромна благодарност до сите граѓани, вклучително и дијаспората, кои патуваа и по стотици и илјадници километри да го дадат својот глас за промени.

Со над 280 илјади гласови разлика беше декласирана власта на СДСМ, затоа што на народот му беше доста од криминалот корупцијата, понижувањата, поделбите, притисоците, поразите и уцените. Вчера беше поразен и бојкотот на ДУИ, но беше упатен и јасен сигнал дека во Македонија мора да има одговорност за пљачкањето и осиромашувањето на граѓаните кое се случува изминатите години.

Одважноста и храброста на народот ја заслужува целата почит. Довербата која беше дадена на ВМРО-ДПМНЕ носи и огромна одговорност и чест да се формира и води влада која ќе биде посветена на секој еден граѓанин, на неговите потреби, барања, на подобриот стандард, на реформите кои ќе значат подобар живот.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата доби трипати повеќе мандати од СДСМ, или ако сакате повеќе од ДУИ и СДСМ заедно на овие избори, со што народот јасно покажа дека овие две партии треба да завршат во опозиција. ВМРО-ДПМНЕ, согласно последните неофицијални податоци од ДИК освои 58 наспроти 18 мандати на СДСМ и 19 мандати на ДУИ. Јасна е волјата на граѓаните, покрај СДСМ, во опозиција треба да оди и ДУИ, да поминат низ една катарза, да има одговорност и да се реформираат, потоа да излезат пред судот на граѓаните.

Дополнително, Македонија вчера доби нов претседателка во името на Гордана Силјановска Давкова која успеа да го победи актуелниот претседател Пендаровски со околу 310 илјади гласови разлика, да потсетам оваа победа е извојувана од позиција на предизвикувач на актуелниот претседател. Тоа говори колку е големо незадоволството на граѓаните од политиката позната „како до сега“.

Народот достоинствено се спротивстави на поразите и се одлучи за промените во свои раце. Наша обврска како идна власт е да работиме одговорно и чесно од првиот ден на формирањето на новата влада, која очекуваме во најбрз можен рок да се состави од партиите кои нудат промени и просперитет. Првите резултати од идната влада треба да се почувствуваат во првите 100 дена од нејзиниот мандат, затоа што ние нудиме и ќе спроведеме концепт на работа и реализација на ветените проекти.

Македонија прославува, но Македонија ја чека и многу работа. Владата на ВМРО-ДПМНЕ и народот, како што заедно се изборија за промени, така заедно ќе работат за подобра иднина.

Прес-конференција на Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ

___________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан