Муцунски: Владата ги покрива сите трошоци за семејствата на пациентите во странство, не треба да се запостави и хуманоста на граѓаните
- Трошоците за лекувањето во странство на 116-те пациенти повредени во пожарот во Кочани се покриени од државите домаќини, а трошоците за пат, сместување и целокупната логистика за семејствата на пациентите ги покрива македонската Влада. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на прес-конференција рече дека дезинформациите што излегуваат околу трошоците не ги смета за тенденциозни, со оглед дека „целото општество доживува шок по трагедијата“, и дека „природна човечка реакција е да сакаш да помогнеш и затоа дел од граѓаните прават иницијативи за да помогнат“.

Скопје, 22 март 2025 (МИА) - Трошоците за лекувањето во странство на 116-те пациенти повредени во пожарот во Кочани се покриени од државите домаќини, а трошоците за пат, сместување и целокупната логистика за семејствата на пациентите ги покрива македонската Влада. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на прес-конференција рече дека дезинформациите што излегуваат околу трошоците не ги смета за тенденциозни, со оглед дека „целото општество доживува шок по трагедијата“, и дека „природна човечка реакција е да сакаш да помогнеш и затоа дел од граѓаните прават иницијативи за да помогнат“.
-Тоа покажува дека сме хумани. Но, ние веднаш, уште во првиот момент, кога како држава го сфативме размерот на оваа криза, во понеделникот утрото јас прв најавив дека Владата, државата, ќе им излезе во пресрет на сите овие луѓе. Покривањето на трошоците не дозволува тие луѓе да акумулираат никаков трошок. Однапред ние го резервираме хотелот, ние ги купуваме авионските карти, ги информираме дека за еден мобилен телефон ќе се покријат сметките за роамингот и сите трошоци што ќе ги акумулираат. Граѓаните добиваат условно кажано дневница, средства што им се потребни секојдневно за некои тековни трошоци што настануваат, рече Муцунски.
Скоро сите граѓани, рече, а со дел и тој има лична комуникација, се опфатени во директна комуникација со нашите дипломатско-конзуларни претставништва во земјите каде што пациентите се хоспитализирани. ДКП-та се постојано на располагање за логистичка поддршка на роднините на пациентите – за превоз, за превод на документи и комуникација со болницата.
-Не е лошо што граѓаните помагаат, но треба да знаат и дека државата мисли на секој поединечен трошок што може да настане во оваа исклучително тешка ситуација и она што е наша обврска како влада, располагајќи со буџетот од граѓаните, не смееме да дозволиме овој дел од процесот – од медицинското лекување до сите логистички трошоци и трошоци за патување, да бидат средства собрани од донации. Но, не треба да се запостави хуманоста на граѓаните и секој кој сака да помогне треба да го најде соодветниот канал за кој мисли дека е најдобар да помогне, рече Муцунски, додавајќи дека и трошоците за враќањето, целата логистика и се што ќе биде потребно исто така ќе биде организирано.
Посочи дека дежурните телефонски броеви на МНРНТ и Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) остануваат достапни за сите потреби и информации.
Во болници во 14 европски земји се лекуваат 116 пациенти повредени во пожарот на концертот во Кочани. Од нив, 38 се пратени на лекување преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој Владата го активирала веднаш по несреќата, а останатите се пратени преку директна билатерална помош.
На новинарско прашање дали ќе се активираат и механизмите на НАТО за ваква ситуација, министерот одговори дека во овој момент сметаат оти е доволно што е активиран Механизмот на ЕУ за цивилна заштита.
- Во овој момент, вршиме проценка и доколку преземеме такво дејство, ќе информираме. Сметаме дека активацијата на ЕУ-механизмот е сосема доволна земајќи го предвид предизвикот со кој се соочуваме, додаде Муцунски. хс/лв/
Фото: МНРНТ