МТСП: За сите лица корисници на право на надоместок заради попреченост е извршена исплата без оглед на возраста
- Исплата на финансиска поддршка се врши врз основа на евиденцијата на корисници на право на надоместок заради попреченост, при што за сите лица корисници на право на надоместок заради попреченост е извршена исплата без оглед на возраста на корисникот. Вака одговорија од Министерството за труд и социјална политика за МИА, откако Уставен суд го поништи делот од Законот за финансиска поддршка за социјално ранливи категории со попреченост, од законското решение во декември 2023 година, кој ограничуваше дека ваква поддршка може да се добива до 65-годишна возраст.
Скопје, 5 април 2024 (МИА) - Исплата на финансиска поддршка се врши врз основа на евиденцијата на корисници на право на надоместок заради попреченост, при што за сите лица корисници на право на надоместок заради попреченост е извршена исплата без оглед на возраста на корисникот.
Вака одговорија од Министерството за труд и социјална политика за МИА, откако Уставен суд го поништи делот од Законот за финансиска поддршка за социјално ранливи категории со попреченост, од законското решение во декември 2023 година, кој ограничуваше дека ваква поддршка може да се добива до 65-годишна возраст.
Станува збор за член 4 став 1 од Законот, според што, финансиската поддршка изнесува 2.000 денари месечно, за период од пет месеци, започнувајќи од декември 2023 година. Исплатата е започната, а ќе се врши заклучно со месец април.
Вкупниот број лица корисници на правото на надоместок заради попреченост, кои се евидентирани во меснонадлежните центри за социјална работа и на кои им е извршена исплата на финансиска поддршка, изнесува 10.331 корисник.
- Евидентирани корисници на надоместок заради попреченост во месно - надлежните центри за социјална работа, чија возраст е до 65 години старост се 5.502 лица, а над 65 години старост се 4.829 лица, одговорија од МТСП.
Оттаму појаснија дека согласно Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани, како корисници на финансиска поддршка, се утврдени неколку категории на социјално ранливи граѓани. Корисници на посебен додаток, корисници на правото на надоместок заради попреченост, самохрани родители, кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 19.000 денари, ученици од основното, односно средното образование, чии семејства имаат вкупни месечни приходи од нето - плата до 50.000 денари и студенти кои живеат надвор од местото на студирање.
Од МТСП додадоа дека врз основа на овој закон, е утврдено дека исплатата на финансиската поддршка за корисниците ќе се изврши без поднесување на барање од нивна страна, врз основа на податоците од евиденциите на центрите за социјална работа и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување, за остварено право во претходниот месец, од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка.
- По однос на делот „најмногу до 65 годишна возраст“ во член 3 став (1) точка 2 од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливите категории на граѓани („Службен весник “ бр.269/23), посочуваме дека оваа дефиниција е преземена од Законот за социјалната заштита („Службен весник” бр. 104/19, 146/19, 275/19, 302/20, 311/20, 163/21, 294/21, 99/22, 236/22 и 65/23). Уставниот суд, со одлука У.бр.27/2020 и У.бр.289/2020 од 01.12.2022 година го укина член 44 став 2 во делот: „најмногу до 65 годишна возраст“, така што правото на надоместок заради попреченост се остварува и користи без оглед на горната возрасна граница на граѓаните, одговорија од МТСП на прашањата од МИА.
Оттаму нагласија дека на овој начин, граѓаните не се ставени во нееднаква положба при остварување на финансиската поддршка од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани. Имено, додадоа, со финансиска поддршка, се стекнуваат сите корисници на правото на надоместок заради попреченост, кои се евидентирани во центрите за социјална работа и го оствариле ова право во претходниот месец, од месецот во кој се врши исплатата на финансиската поддршка, без поднесување на барање од страна на корисниците.
Во образложението на одлуката на Уставен суд, меѓу другото, се потсетува дека заради справување со продолжените ефекти од енергетската и ценовната криза, Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 13 декември лани, донесе Закон за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.
Според член од тој закон што сега е поништен од Уставен суд, корисници на правото на надоместок заради попреченост се лица со навршена 26-годишна возраст, а најмногу до 65-годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, согласно со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа. бд/аа/
Фото: МИА архива