• вторник, 14 мај 2024

МПЦ-ОА во опасна игра на Кремљ

МПЦ-ОА во опасна игра на Кремљ
18 ноември 2022 Либертас Во услови на длабоки геостратешки промени, настанати по руската инвазија на Украина се надзираат амбиции на руската влада да ја злоупотреби Македонската православна црква- Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), како инструмент за поддршка на „специјалната воена операција“ во Украина и повторно враќање на Украинската православна црква во руски прегратки. Руските интереси и нивната игра со македонските национални и религиозни емоции не претставува новина. Проектот на Москва постојано се надградува и адаптира, а во моментот подразбира изградба на мост за поврзување на нивните интереси и стратегии од Украина, преку Дунав на Балканот. Имено, на почетокот на јуни 2022 година, Антон Севјуг е поставен на позицијата шеф на одделот за надворешни работи, на местото на  митрополитот Иларион Алфеев, кој експресно е сменет и назначен за Будимпештански митрополит на Унгарската епархија на РПЦ. Одредени информации говорат дека во текот на изминатиот месец, остварена е средба меѓу Антон Севјуг и официјален претставник на руската влада, во функција на притисок врз Руската православна црква-РПЦ за да ги продлабочи врските со МПЦ-ОА заради поддршка на руската надворешна политика и нејзините цели кон Украина и НАТО. Станува очигледно дека руската влада проценила дека сега е погодно време за наплата на кредитот на МПЦ-ОА, стекнат со руското признавање на нејзината афтокефалност, дотолку повеќе што се случува во услови на големи фрустрации и чувство на идентитетска загрозеност на македонските граѓани заради бугарските барања. За остварување на ваквата цел се игра на картата на емоции и придобивање на наклонетоста и поддршката на македонските верници, како „руски браќа“, а предвидена била и финансиска логистика преку РПЦ. Познати се обидите на Русија во последната деценија да се претстави како јадро на традиционалниот конзерватизам, како своевиден негатив на западната либерална демократија и нејзините вредности. Тоа го потврдуваат и говорите на Путин во изминатата година, во кој „успехот“ во војната во Украина го поврзува со семејните и традиционалните вредности. Преку мноштвото полу-информации и невистини, Москва се обидува да изгради нов идеолошки блок, навидум лесно прифатлив, традиционален, кој цврсто се ослонува на семејните вредности и религијата, но кој во суштина е длабоко авторитативен. Во сето тоа клучна е улогата на РПЦ, како алатка за остварување политички но и воени цели на Кремљ. Руските обиди за редефинирање на светската политичка сцена драматично го нагласуваат конфликтот во православието, меѓу РПЦ и Вселенската Патријаршија. Меѓу нив се води децениски спор за преземање на приматот во православниот свет, со изразени тенденции на Кремљ да го пренасочи центарот на православието од Константинопол во Москва. Главната точка на меѓусебното спорење произлегува околу  прашањето за начинот на доделување афтокефалност, при што РПЦ го оспорува правото на Вселенската патријаршија за самостојно одлучување и застапува теза дека црквите можат да добијат афтокефалност само преку согласност на помесната Црква, која последна имала јурисдикција врз таа територија. За потсетување, Руската православна црква ги прекина врските со Вселенската патријаршија, откако царинградскиот патријарх Вартоломеј на 5 јануари 2019 година, и додели афтокефалност на Православната црква на Украина од Московската патријаршија. Несвојствено за еден духовник, рускиот патријарх  го обвини вселенскиот патријарх за политичка инструментализација на прашањето и за обид за проширување на конфликтот на релација Русија-Запад, на црковна основа. Доколку тргнеме од тезата дека РПЦ на украинското прашање гледа низ политичка призма, тогаш логично се поставуваат три прашања: Прво, кои се причините за експресното признавање на афтокефалноста на МПЦ-ОА, која до 2022 година водеше повеќе децениски спор со СПЦ за нејзино признавање? Второ, дали за руската страна, ова претставува изедначување на „црковниот семафор“ во време на украинскиот конфликт? Трето, која е клучната линија на поврзување меѓу СПЦ и МПЦ-ОА, со оглед на несогласувањето во православниот свет за начинот на издавање на томосот на православните цркви? Како Иринеј Бачки, ментор на српскиот патријарх Порфирије и еден од највлијателните владици во српскиот Синод, со длабоки руски врски, евалуираше и преќу ноќ го промени својот став од најголем критичар на МПЦ-ОА до главен поддржувач на разврската меѓу МПЦ-ОА и СПЦ. За да се одговори на наведените прашања треба да се знае дека, рускиот претседател на Балканот гледа како неисцрпен простор за манипулација и натпревар со меѓународната заедница и апострофирање на нивните „двојни аршини и кршење на меѓународното право“. Случајот со Косово се апострофира како преседан и се користи за оправдување на руската анексија на украинските области. Во официјален документ на руското МНР, Русија се повикува на пресуда на Меѓународниот суд на правдата за Косово од 2010 година за да докаже дека референдумите за присоединување на деловите од Украина кон РФ се во согласност со меѓународното право. Првично, статусот на ДНР И ЛНР беше изедначуван со статусот на Р.Српска. Овој пат, Москва всушност се обидува преку примерот со МПЦ-ОА, која својата афтекефалност ја стекна преку сестринската црква – СПЦ, да ја оспори самостојноста на Украинската црква и да покаже дека нејзината самостојност е   стекната на неканонски и политички компромитиран начин, кој претставува преседан во православието. Кога целата констелација ќе се земе предвид, станува јасно дека МПЦ-ОА постепено се навлекува во опасна игра на Кремљ за остварување на нивните интереси. Притоа, не изненадува  фактот што македонските владици не изустија ниту збор и не сочувствуваа со своите браќа по вера од Црна Гора или Украина. На крајот, може да се очекува дека, стотици македонски студенти кои се школуваат на богословските училишта во Русија, по своето враќање, наместо проповеди и молитви за божјиот пат, ќе ја пропагираат новата руска идеологија од геополитички аспект./ Фото: Либертас

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан