• вторник, 24 декември 2024

Жаклина Андоноска, единствена жена – возач на автобус во меѓуградскиот сообраќај 

Жаклина Андоноска, единствена жена – возач на автобус во меѓуградскиот сообраќај 

Прилеп, 6 мај 2024 (МИА) - Ќе ја сретнете на автобуската линија Прилеп-Скопје. Патиштата се нејзино секојдневие, сигурноста на патниците – аманет. Со решителност својствена на жените и упорност и сигурност како мажите во светот на возачите, прилепчанката Жаклина Андоноска, сигурно, катадневно, го вози автобусот и им пренесува смиреност и спокој на 50-тината патници на релацијата од 160-тина километри.

Жаклина е единствен жена-возач на автобус во меѓуградските линии во земјава. Стокмена во униформа, насмеана и решителна да ја покаже сигурноста што и самата ја чувствува, Жаклина влегува во автобусот, го зазема возачкото седиште, ги прегледува возните билети и им посакува пријатен пат на патниците.

Со насмевка ги раскажува чувствата на недоверливост, скептичност кај патниците кога првпат ќе ја здогледаат зад воланот.

- Имаше скептичност. Необично, најмногу кај женски патници. Во еден случај, патничка гласно коментираше: Ау, жена возач е? Не сакам да се возам. Да знаев дека жена вози, немаше да седнам во автобусот, беше нејзиниот коментар. Јас само благо се насмевнав и не прокоментирав. Ама, кога заврши патувањето дојде до мене, ми се извини и рече: Се извинувам, неправедна бев и со предрасуди. Алал да ви е. Прекрасно возење. И, оттогаш, само прашува дали јас возам, за да патува, задоволно, со насмевка објаснува Андоноска.

Долги години работела во текстилната индустрија во Скопје, а потоа, се преселила во родниот град и се префрлила во нова, навидум, необична професија. Како самохрана мајка со деца избрала необична професија – возач на автобус. Малку „скандалозно“. Ама Жаклина имала аманет и причина за определбата.

-Тоа ми беше животна желба.Татко ми долги години беше возач на автобус, сакав да го наследам, да речам „занаетот“. Комплетно, ги имам сите категории положено, тој што ги имаше, а тој беше и инструктор. Сакав, едноставно, да го наследам во возењето. И јас да бидам возач на автобус, објаснува емотивно Андоноска.

Професионалната возачка на автобус, веќе една година, се замислува над прашањето – зошто, токму возач на автобус?  А зошто не? Одговорот, вели е лесен. Возењето ја смирува.

- Едноставно, ме исполнува. Неописливо е. Јас секогаш велам: кога сум нервозна, напната, седнувам зад воланот, да завртам, барем едно кругче, и, тоа ме смирува, кратко објаснува прилепчанката Жаклина.

Треба долго време да помине за патниците да се навикнат дека жена ги вози. Постојано стекнува искуство, посебно, од пензионирани возачи, колеги. А пофалбата од нив е најголемата награда, но и признание.

- Ми рекле: Ти симнувам капа, секоја ти чест. Тоа, за мене, е голема чест. Професионалец тоа да ти го каже, мислам дека е достигнување во кариерата на возач на автобус, коментира Андоноска.

Жаклина не се чувствува дискриминирано во, условно, овој машки свет.

-Мислам дека е скршен мразот. Ова е, претежно, машки свет. Интересно, додека не се вработив како жена возач на автобус, мислам дека бев дискриминирана.  Сега имам поддршка од сите. Имам поддршка и од сопствениците, и од колегите. Сите ме бодрат. Сите ме поддржуваат и, мислам, одиме напред, среќно вели Жаклина Андоноска.

Забележува и мило ѝ е дека се почесто жени полагаат за возач на автобуси, на камиони. Нејзината порака е да не се откажуваат, сите желби, планови и намери, да ги остваруваат. Да бидат упорни во сѐ. На крајот, се успева. За синдикалните барања и рамноправности смета дека сите мора да се борат до последно, а со квалитетот на работата сака да верува дека може да се докаже. Платата не е голема, не во Македонија. Големината е во начелата и во принципите.

-Ми нудеа работа надвор од државава, ама не прифатив. Си реков, ќе успеам. Се надевам дека го постигнав тоа. Сега сакам уште да возам камион. Па, небото нема граници, заклучува единствената жена-возач на автобус во Македонија, Жаклина Андоноска.

Ако сте на автобуска релација Прилеп-Скопје, и обратно, сигурно ќе ја сретнете Жаклина Андоноска.

Елизабета Митреска

Фото:  МИА

 

Остани поврзан