Москва санкционира нови европски претставници поради поддршка за Киев
- Во соопштението не се наведуваат конкретни имиња на санкционирани лица. Според руското законодавство, тие нема да имаат право на влез на територијата на Русија.
Москва, 22 јули 2025 (МИА) – Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека значително го проширува списокот на санкционирани претставници на Европската Унија, како одговор на новите рестриктивни мерки кои Брисел ги воведе против Русија во мај и јули оваа година.
„Станува збор за претставници на безбедносните служби, државни и приватни организации, како и граѓани на земји-членки на ЕУ и други западни држави кои се одговорни за воена поддршка на Киев“, се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на руското Министерство.
Според руската страна, санкционираните се вмешани во снабдување на Украина со производи со двојна намена, дејствија кои, како што тврди Москва, ја поткопуваат територијалната целовитост на Русија, како и во обиди за блокада на движењето на руски бродови и стоки во Балтичкото Море.
Во соопштението не се наведуваат конкретни имиња на санкционирани лица. Според руското законодавство, тие нема да имаат право на влез на територијата на Русија. ссм/
фото: архива