• четврток, 21 ноември 2024

МОН: Десет општини имаат готови планови за оптимизација на училиштата

МОН: Десет општини имаат готови планови за оптимизација на училиштата

Скопје, 12 ноември 2024 (МИА) -  План за оптимизација на училишната мрежа веќе изработиле 10 општини, а процесот продолжува кај 22 општини, соопштила министерката  за образование и наука Весна Јаневска на денешната седница на Управниот одбор на ЗЕЛС.

Според неа, локалните самоуправи ја разбираат и ја поддржуваат оптимизацијата која, како што вели,  „е одговор и на нивните барања и заложбите на ЗЕЛС за пообјективна распределба на блок-дотациите“. 

Како што соопшти МОН, министерката истакнала дека клучна цел на промените што ги прават е  подобрување на квалитетот на образованието.

-Да изградиме релевантно и ефикасно образование кое ќе им овозможи на учениците да стекнат употребливи знаења и вештини за личен и професионален развој како и за развој на државата.  Кажавме дека ги зголемуваме буџетските средства и во 2025 ќе има најголем буџет за образование досега, а таква тенденција ќе има и во следните години. Но, парите на граѓаните мора да ги трошиме рационално и ефективно. Тоа го постигнуваме со процесот на оптимизација на училишната мрежа, што го почнавме од основните училишта, рекла Јаневска.

МОН во соопштението наведува дека оптимизацијата овозможува подобро искористување на финансиските и човечките ресурси во образованието, како и поквалитетна настава и подобри постигнувања на учениците.

УНИЦЕФ и Светска банка го поддржуваат спроведувањето на локалните планови за оптимизација, изработени во консултација со учениците, родителите и наставниците во училиштата.

-Јаневска укажа дека оптимизацијата на мрежата на училишта многу внимателно се реализира, во соработка со сите релевантни чинители, за да се обезбеди дека учениците добиваат најдобри можни услови за образование, наставници полн ангажман, а локалните заедници правична и ефикасна распределба на буџетски средства. Заблагодарувајќи се на локалните самоуправи за добрата соработка, Јаневска им посака успешна работа на новата група општини кои почнуваат со изработка на плановите за оптимизација, упатувајќи ги да ги користат искуствата на општините што веќе ја завршиле, но и на редовна комуникација со Министерството за образование и наука, кое е тука за поддршка, информира МОН. хс/аа/

Фото: Министерство за образование и наука 

Остани поврзан