МНР на Грција и Италија бараат од израелските власти да ја обезбедат безбедноста на учесниците во флотилата „Глобал Сумид“
- Грција и Италија внимателно ги следат случувањата со флотилата „Глобал Сумид“ и ги повикуваат израелските власти да ја обезбедат безбедноста на учесниците и да ги дозволат сите конзуларни мерки за заштита, посочуваат шефовите на грчката и италијанската дипломатија во заедничката изјава за бродовите со хуманитарна помош што се приближуваат до Газа, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 1 октомври 2025 (МИА) – Грција и Италија внимателно ги следат случувањата со флотилата „Глобал Сумид“ и ги повикуваат израелските власти да ја обезбедат безбедноста на учесниците и да ги дозволат сите конзуларни мерки за заштита, посочуваат шефовите на грчката и италијанската дипломатија во заедничката изјава за бродовите со хуманитарна помош што се приближуваат до Газа, јави дописничката на МИА од Атина.
Дополнително, министрите за надворешни работи на двете земји апелираат и до членовите на мисијата „да ја прифатат понудата на Латинската патријаршија во Ерусалим за безбедно да ја достави хуманитарната помош наменета како израз на солидарност со децата, жените и мажите во Газа“.
Додаваат дека благодарение на дипломатската иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп, „за прв пат постои конкретна можност за ставање крај на овој брутален конфликт и страдањето на палестинското население и преку целосен хуманитарен пристап“.
-Грција и Италија ја реафирмираат потребата од гарантирање хуманитарен пристап до Газа и постигнување прекин на огнот што е можно поскоро. Во оваа чувствителна фаза, мора сите да се воздржат од иницијативи што би можеле да бидат искористени од оние кои сè уште го отфрлаат мирот, пишува во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на двете земји.
Во флотилата „Глобал Сумид“, учествуваат и пет брода со 26 лица од Грција, а првите два брода на средината на септември отпловија од грчкиот остров Сирос.
Според грчките активисти, денеска се наоѓаат на околу 110 наутички милји од целта и доколку се биде в ред, очекуваат утре наутро да пристигнат во Газа. ср/сд/