МНД-Битола со изложба на книги го одбележа Меѓународниот ден на науката
- Македонско научно друштво (МНД)- Битола го одбележа Меѓународниот ден на науката со изложба на публикации во издаваштво на МНД-Битола за периодот 2005-2025 година.
Битола, 12 ноември 2025 (МИА) - Македонско научно друштво (МНД)- Битола го одбележа Меѓународниот ден на науката со изложба на публикации во издаваштво на МНД-Битола за периодот 2005-2025 година.
Изложбата на книги од вечерва и во наредните десет денови е поставена во фоајето на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола, а ја отвори претседателката на друштвото, професор д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

-МНД-Битола како најстаро друштво во државата успешно опстојува 65 години, со бројни изданија зад себе и богата издавачка дејност од различни научни и уметнички дисциплини. Друштвото од самиот почеток го издава и научното списание „Прилози", а во последните 12 години и списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ кое е препознатливо и реномирано во светски рамки, истакна Андоновска-Трајковска.
На вечерашната свеченост, пред аудиториумот во битолската библиотека, претседателката Андоновска-Трајковска изрази благодарност до Уредувачкиот совет кој го предводи професор д-р Моника Ангелоска-Дичовска за подготовката на изложбата и заложбите за унапредување на издавачката дејност на Друштвото, но и на членовите на МНД-Битола за нивниот влог во развојот на науката и издаваштвото.мт/
Фото: МИА