• четврток, 24 октомври 2024

МНД-Битола промовира два нови броја од списанието „Современи дијалози“

МНД-Битола промовира два нови броја од списанието „Современи дијалози“

Битола, 24 октомври 2024 (МИА) - Излегоа од печат два броја 14 и 15,  од Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, изданија на Македонско научно друштво-Битола.  

Списанието е финансирано од Министерството за култура, а го уредува редакција составена од проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска-главен уредник, Весна Мундишевска Велјановска, професор д-р Силвана Нешковска и доцент д-р Анита Ангелевска.

„Современи дијалози“ бр. 14 за 2024 година содржи прилози од вкупно 57 автори и 8 ликовни уметници. Читателите можат да прочитаат поезија, проза, литература за деца и млади. Во рубриката „Акценти“ застапени се прилози за промоцијата на монографија и изложба на дела на ликовниот уметник Јордан Манасијески, за промоцијата на книгата „Презимето кај Македонците“ од професорката д-р Елка Јачева Улчар, за одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, како и за 64-от јубилеј на МНД одбележан со промоција на научното списание  „Прилози“ и Списанието за култура: литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, за кое корицата ја дизајнираше Весна Мундишевска-Велјановска со илустрација од Јордан Манасијески.

Од МНД-Битола информираа дека списанието „Современи дијалози“ бр. 15 за 2024 година содржи прилози од вкупно 56 автори и 7 ликовни уметници, а читателите можат да прочитаат поезија, проза, книжевна критика, но и еден прилог од литературата за деца напишан на англиски јазик од Горјана Стојановска. Во рубриката „Акценти“ застапен е прилог за одбележувањето на деведестгодишнината од раѓањето на Петре М. Андреевски, а во рубриката „Паралели“ посветена на меѓународната соработка, застапени се 27 автори од 22 држави, односно од Саудиска Арабија, Белгија, Романија, Шпанија, Полска, Турција, Босна и Херцеговина, Кина, Србија, Италија, Аргентина, Мексико, Шведска, Бразил, Португалија, Косово, Венецуела, Крит, Црна Гора, Франција, Канада и Колумбија. Корицата на списанието ја дизајнираше Весна Мундишевска-Велјановска со слика од Панде Петровски во чест на јубилејот 65 години од неговото творештво.

Списанието се подготвува со помош на меѓународен уредувачки одбор во кој членуваат истакнати професори од Словачка, Саудиска Арабија, Русија, Босна и Херцеговина, Тајван, Велика Британија, Јапонија, САД, Полска, Србија, Белгија и Шпанија.мт/

Фото: МНД-Битола

Остани поврзан