• четврток, 25 декември 2025

Младите од охридската Гимназија и оваа година ја спроведуваат акцијата „Подари компјутер“ за врсниците од социјално загрозени семејства

Младите од охридската Гимназија и оваа година ја спроведуваат акцијата „Подари компјутер“ за врсниците од социјално загрозени семејства

Охрид, 25 декември 2025 (МИА) – Учениците од ОСУ „Св. Климент Охридски“ преку Младинската заедница и оваа година ја организират новогодишната хуманитарна акција „Подари компјутер“.

Станува збор за акција преку која се собираат стари исклужени компјутери, лаптопи, таблети што не се користат, но се функционални или можат лесно да се оспособат.

Акцијата има за цел да им помогне на ученици и семејства од социјално ранливи категории, кои немаат соодветен пристап до компјутерска опрема неопходна за образование и секојдневно учење.

„Во современото општество, пристапот до компјутер и дигитални алатки е од клучно значење за рамноправно учество во образовниот процес. За жал, дел од учениците и понатаму се соочуваат со дигитална нееднаквост, што директно влијае врз нивниот успех и можности за развој. Токму затоа, преку оваа хуманитарна иницијатива, сакаме да поттикнеме солидарност и општествена одговорност кај граѓаните и институциите“, се посочува во повикот од  Младинската заедница при ОСУ „Св. Климент Охридски“ упатен кон граѓаните.

Тие апелираат до граѓаните, компаниите и организациите да се приклучат на акцијата и да донираат стари компјутери, лаптопи, монитори, тастатури и друга придружна информатичка опрема што не се користи. Опремата ќе биде технички проверена и подготвена за употреба, а потоа донирана на оние на кои им е најпотребна.

„Со оваа акција на неискористената опрема и се дава нова вредност, и нова намена – поддршка на образованието и иднината на младите. „Подари компјутер“ е повик за заедничка акција, со која покажуваме дека мал гест може да направи голема промена“, потенцираат од Младинската заедница.

Акцијата првпат беше организирана во 2022 година и успешно беше реализирана изминатите години. Во последната акција 50-тина  ученици добија компјутери, таблети, мобилни телефони.аб/вј/

Фото: плакат

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан