• петок, 05 декември 2025

Мицотакис – Гилфојл: Американско - грчките односи на високо ниво, но може дополнително да се продлабочат

Мицотакис – Гилфојл: Американско - грчките односи на високо ниво, но може дополнително да се продлабочат

Атина, 5 ноември 2025 (МИА) – Билатералните односи, енергетиката, инвестициите, биле меѓу друго темите за кои разговарале грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и новата американска амбасадорка Кимберли Гилфојл на нивната денешна средба, јави дописничката на МИА од Атина.

Ова е прва средба на грчкиот премиер со новата амбасадорка на САД, која вчера ги достави акредитивните писма, Гилфојл нагласи дека билатералните односи ќе ги подигнат „на нови височини“, додека пак Мицотакис посочи дека таа доаѓа во период кога односите меѓу двете земји „се на највисоко ниво досега, но тоа не значи дека не може дополнително да се подобрат“.

- Грција е столб на регионалната стабилност, традиционален сојузник на Соединетите Американски Држави и земја од големо значење во форматите за регионална соработка, како што е форматот 3+1. Секако е земја која игра важна улога и како стабилизирачки фактор во сите регионални конфликти, вклучително и на Блискиот Исток. Земја која има заеднички позиции со САД за улогата на енергијата, особено важноста на течниот природен гас, во нашиот регион, посочи Мицотаки и додаде дека Грција е порта за течен природен гас за целиот регион, а вертикалниот коридор е проект од стратешко значење за двете земји.

И Мицотакис и амбасадорката на САД се осврнаа и на Шестото партнерство за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC) што утре и задутре ќе се одржи во Атина во организација на Владата на САД во соработка со Министерство за енергетика на Грција.

- Ова е историска седмица. Не е само моето доаѓање, туку и конференцијата P-TEC, одлични билатерални средби со сите ваши министри и со вас, но и неверојатни работи планирани за оваа конференција, за да ја направиме Грција енергетски центар тука во Источниот Медитеран, преку Вертикалниот коридор, посочи Гилфојл. 

Додаде дека на конференцијата ќе учествуваат претставници и министри од многу земји, но и над 80 функционери од Владата на САД, меѓу кои секретарите за енергетика и внатрешни работи и истакна дека станува збор за историски политички и економски настан за „унапредување на прашањата за трговијата и енергетскиот суверенитет, што е еквивалентно на националната безбедност, суверенитетот и границите“. ср/сд/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан