• четврток, 27 јуни 2024

Мицотакис ја повикува Сиљановска Давкова да избегне „слични незаконски и провокативни“ постапки

Мицотакис ја повикува Сиљановска Давкова да избегне „слични незаконски и провокативни“ постапки

Атина, 19 мај 2024 (МИА) – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку интервјуто за неделното издание на солунскиот весник „Македонија“, ја повика новата претседателка Гордана Сиљановска Давкова „да избегне слични нелегални и провокативни“ избори и порача дека ратификацијата на трите меморандуми зависи и од тоа колку другата страна ќе се покаже доследна до меѓународните обврски, јави дописничката на МИА од Атина. 

-Новата претседателка на Северна Македонија направи незаконски и провокативен избор да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече својата земја со поинакво име од она што е дефинирано со самиот Уставот на соседната држава, со што не го прекрши само Договорот од Преспа, туку и Повелбата на нејзината татковина, рече Мицотакис. 

Додаде дека „не беа случајни брзите реакции“ на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, но и од САД. 

-Од наша страна ја повикуваме новата претседателка да избегне слични незаконски и провокативни избори, за кои, секако, категорично изјавуваме дека нема да ги прифатиме. Се подразбира дека европскиот тек на Скопје зависи од искреното почитување на договореното. Затоа, раководството на Северна Македонија мора да сфати дека од пријателството со Грција, може да има само корист, рече грчкиот премиер. 

Во интервјуто за неделното издание на солунскиот весник, Мицотакис се осврнува и на трите меморандуми со нашата земја и на одлуката на СИРИЗА да ги донесе во Парламентот, коментирајќи дека е „неприфатливо грчките сили да предлагаат нешто што воопшто не го ни предлага другата страна“. 

-Повторно да појаснам, очигледно дека ќе го почитуваме договореното со меѓународен договор. Но, гласањето на меморандумите зависи и од другата страна. А главно од тоа колку доследна ќе се покаже во меѓународните обврски. Значи, очекуваме да се придржува до договореното. А ние како држава која има континуитет и доследност, соодветно ќе го сториме предвиденото, рече Мицотакис. 

Паралелно потсети дека Нова демократија како опозиција не го поддржа Договорот, но и дека уште тогаш потенцираа дека од моментот кога ќе се изгласа е обврзувачки за земјата. 

- Потсетувам дека во 2019 година гласавме против Договорот, без никогаш да кажеме дека ќе го поништиме. Многу едноставно затоа што ова не е можно. Тогаш, од говорницата на Парламентот укажав на несоодветносите на договорот и предупредив за проблемите што ќе се создадеа. Како опозиција инсистиравме, знаејќи дека од моментот кога ќе се изгласа договорот обврзувачки за земјата, не се менува. Сега, како Влада, мораме да го почитуваме грчкиот потпис на меѓународен договор, додаде Мицотакис. ср/дма/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан