• петок, 21 февруари 2025

Мицотакис: Потребно е Европа да се разбуди од геополитичката и економската летаргија

Мицотакис: Потребно е Европа да се разбуди од геополитичката и економската летаргија

Атина, 20 февруари 2025 (МИА) – Многупати говорев за потребата Европа да се разбуди од геополитичката и економската летаргија во која за жал западна веќе доста време. За жал, неодамнешните случувања и овој различен поглед на работите од САД веќе нè обврзуваат,не само да се соочиме со вистината, туку да се движиме со многу голема брзина и да ги спроведеме одлуките за кои долго разговараме, посочи грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на неговото учество на „Thessaloniki Summit“, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис на конференцијата во Солун говореше кусо по неговото учеството на неформалниот состанок свикан од францускиот претседател и се осврна на самата ЕУ и на односите со САД.

Посочи дека тој лично верува во потребата од трансатлантски сојуз и да се разговара отворено и искрено со новата американска администрација и со американскиот претседател, „без да значи дека се согласуваме за сè“ и додаде дека шефот на грчката дипломатија ќе ја претставува Грција на состанокот на Советот за безбедност, а потоа во Вашингтон каде ќе има средба со американскиот државен секретар.

Паралелно, изрази задоволство што претседателката на Европската комисија и „официјално ја препозна потребата да им се даде поголема буџетска флексибилност на земјите-членки за да можат да трошат повеќе ресурси за одбраната“, но и дека Европа е стигната до точка „кога конечно се чини дека прави нешто“.

- Дојдовме до точка кога поради случувањата во Украина време е да се носат одлуки. И верувам дека следниот Европски совет, редовниот Европски совет, бидејќи многу е веројатно дека ќе има и вонреден Европски совет пред редовниот совет во март, ќе биде еден од најкритичните европски совети, затоа што ќе бидеме повикани да ги ратификуваме, да ги формулираме предлозите од Европската комисија што ќе ни овозможат, конечно, да се соочиме со овие предизвици, рече Мицотакис.

Во однос на внатрешно-политичките случувања особено оние поврзани со железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години, грчкиот премиер посочи дека моменталната клима во земјата „не е поларизација, туку е екстремна токсичност“, со како што рече, една единствена цел: „да се предизвика политичка дестабилизација и да се нанесе штета на Владата и лично на премиерот“.

- Сакам да испратам јасна порака и оттука: имам должност, мојата прва одговорност е да го држам стабилно бродот на нашата татковина во овие исклучително турбулентни времиња. Ја презедов оваа обврска, ќе ја исполнам. Останатите можат да кажуваат што сакаат, нагласи Мицотакис.

Паралелно уште еднаш повтори, особено во пресрет на големите протести што се најавуваат низ цела Грција следниот петок по повод двегодишнината од несреќата, дека „барањето за правда е универзално, но, правдата ја испорачува судството“. ср/ссм/

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан