Мицотакис најави формирање Национална управа за надзор на пазарот
- По скандинавски модел, во Грција ќе се формира Национална управа за надзор на пазарот, соопшти денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, посочувајќи дека тоа ќе биде „уште едно оружје во арсеналот за справување со поскапувањата на цените“, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 28 мај 2025 (МИА) – По скандинавски модел, во Грција ќе се формира Национална управа за надзор на пазарот, соопшти денеска грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, посочувајќи дека тоа ќе биде „уште едно оружје во арсеналот за справување со поскапувањата на цените“, јави дописничката на МИА од Атина.
На почетокот на денешната владина седница Мицотакис објасни дека конкретната управа, по примерот на Шведска, ќе биде одговорна за инспекции, жалби, санкции и вонсудско решавање на спорови и ќе функционира паралелно со Управата за конкуренција, а ќе соработува со Правобранителот на потрошувачи, Генералниот директорат за пазар и Меѓуресорската единица за контрола на пазарот.
- Во иста рамка, наскоро ќе се активира посебна апликација за мобилни телефони преку која граѓаните ќе можат да ги информираат и веднаш да ги мобилизираат инспекторите. На сајтот е-потрошувач сега ќе има посебно известување со местата каде што секојдневно ќе постои најниската цена по производ, рече Мицотакис.
Тој додаде дека паралелно ќе воведат и дополнителни регулативи, како на пример, супермаркетите ќе треба во соработка со добавувачите, да воведат посебно обележување на производите што сега се продаваат во намалени големини, за што рече дека е „нешто што често го гледаме, но без соодветно намалување на цената“. ср/ми/
Фото: Кабинет на грчкиот премиер