• четврток, 14 ноември 2024

Мицотакис: Моите мисли се со жртвите и десеттемина повредени во несреќата во Либија

Мицотакис: Моите мисли се со жртвите и десеттемина повредени во несреќата во Либија

Атина, 18 септември 2023 (МИА) – Двојна болка е што жалиме за животите што беа загубени, додека спасуваа животи, а во исто време, имаме агонија  за здравјето на нашите луѓе, кои сакаа да ја олеснат агонијата на други луѓе, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за сообраќајната несреќа во Либија во која животот го загубија пет членови на хуманитарната мисија од Грција, јави дописничката на МИА од Атина. 

Мицотакис додаде дека целата земја жали, но и дека неговите мисли се со семејствата на жртвите и со десеттемина повредени.

Сочувство и жалење изрази и грчката претседателка Катерина Сакеларопулу, како и опозициските партии во Грција.

Од СИРИЗА, паралелно истакнаа дека очекуваат Владата да информира за околностите на несреќата, а „особено за безбедносните мерки што беа преземени за патувањето на мисијата во воената зона што беше тешко погодена од бурата Даниел, со илјадници загинати“.

-Дополнително, очекуваме да бидеме информирани за причините поради кои Генералштабот на националната одбрана излезе со соопштение вчера во 19:35 часот во кое соопшти за „лесни повреди“, додека веста за смртта на членовите на мисијата беше откриена од меѓународните медиуми, соопштија од СИРИЗА.

Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервјуто за телевизијата „Скај“ утрово рече дека првите информации укажуваат на страшна сообраќајна несреќа, но тие не можат тоа да го кажат со сигурност.

-Што се случило, што не се случило, не можам јас да ви кажам пред да се направи соодветната истрага, пред да се дадат соодветни официјални одговори од Министерството за одбрана. Она што можам да ви го кажам е дека веднаш ќе има истрага за причините и секако за возачот, рече Маринакис.

Во сообраќајната несреќа во Либија, што се случи вчера попладне од засега непознати причини и под неразјаснети околности, кога возило удрило во автобусот на грчката хуманитарна мисија додека патувала кон градот Дарна животот го загубија тројца припадници на грчката армија и двајца преведувачи.

Повредените, како и телата на загинатите со авиони на военото воздухопловство се враќаат во Атина. ср/ац/

Остани поврзан