• сабота, 23 ноември 2024

Мицотакис во првото пробно возење на метрото во Солун

Мицотакис во првото пробно возење на метрото во Солун

Атина, 18 мај 2023 (МИА) – Солун ќе го има не само најмодерното, туку и најубавото метро во Европа, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис откако беше дел од првото, пробно возење на солунското метро, јави дописничката на МИА од Атина. 

Метрото во Солун се очекува да биде пуштено во употреба на почетокот од 2024 година, а според информациите од грчката Влада, главната линија што е во должина од 9,6 километри и има 13 станици се очекува да ја користат околу 250.000 патници дневно.

Мицотакис истакна дека метрото веќе почнува со пробната работа и лично тој имаше можност да ја помине целата главна линија, паралелно истакнувајќи дека Владата го исполни ветувањето.

-Се обврзав дека Солун ќе добие метро и истовремено ќе го истакне своето исклучително богато археолошко богатство, кое излезе на виделина со ископувањата при изградбата на овој важен инфраструктурен проект, истакна грчкиот премиер.

Процените се дека до јули 2024 година, метрото ќе се прошири до Каламариа, со пет нови станици и речиси 4,8 километри, а планирано е проширување и до северозападните делови на Солун. ср/сд/

Фото: Димитрис Папамицос/ Кабинет на грчкиот премиер

 

Остани поврзан