• четврток, 25 декември 2025

Мицкоски: Јавноста да биде спокојна, нема да примаме мигранти, немало никакви разговори

Мицкоски: Јавноста да биде спокојна, нема да примаме мигранти, немало никакви разговори

Скопје 25 декември 2025 (МИА) - Јавноста да биде спокојна бидејќи се додека е оваа Влада нелегална миграција, легална миграција, миграција како резултат на пропаднати барања за азил, како резултат на некакви си договори нема да има. И тоа се гледа, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски пред пратениците одговарајќи на пратеничко прашање.  

Обвинувањата на опозициската СДСМ ги нарече апсолутна лага и конструкција во врска со темата мигранти во процесот на постигнување на договор за стратешко партнерство со Обединетото кралство.

- Кампањата која што ја правеше опозицијата, да бидам прецизен СДСМ не само што е невистинита туку мислам дека имаше за цел да растури пердуви и дека и по принципот дека насловот е важен, пола ќе веруваат, пола нема да веруваат. Добро е таа половина што ќе веруваат да биде наша. Таа е филозофијата и ПР трикот којшто мислат дека ќе го направат, што мислам дека игра не на краток рок, туку на уназадување, затоа што ако некој сака да биде сериозна политичка опција тогаш треба да има и сериозни позиции. Ова не се сериозни позиции, туку политички гимнастики кои што немаат апсолутно никаква врска со темата, рече премиерот. 

Мицкоски посочи дека опозоциските пратеници не се во салата за време на попладневната сесија и дека тие пратеници месечно ги чинат граѓаните две до три илјади евра. - Ова е сликата на македонската опозоција денеска. Да видат граѓаните кој пледира да бидат Влада, рече Мицкоски. 

Премиерот рече дека опозициската СДСМ била исплашена дека ќе има брзи парламентарни избори на пролет. - Ние им рековме дека сме сериозни политичари и покрај тоа што е наш интерес да организираме предвремени парламентарни избори, ние тоа нема да го направиме затоа што следната година е полна со предизвици и во таа година многу работи кои треба да ги решаваме и ќе ги решаваме. И затоа како што стојат работите ќе си одиме на редовни парламентарни избори 2028 година. Откако им се разби таа лажна теза дека од март април мигрантиве ќе доаѓале, ја префрлија работата до јуни. Сватија дека повторно отидоа во длабоко. Некој ги однесе таму, рече Мицкоски. 

Ќе дојде и јуни и ќе нема мигранти. - И тогаш што правиме. И после на следните избори наместо 18, 12 пратеника. Од прилика на тоа се сведува целата оваа состојба, рече Мицкоски. 

Ја поздрави Резолуцијата која што ја донесе македонското Собрание со која, како што вели јасно и недвосмислено се става крај на оваа измислена тема за мигранти.

- Ги потврдува политиките на Владата, а политиките на Владата ги потврдија граѓаните на локалните избори кои се случија пред неколку недели. Оваа Влада како ретко која Влада од независноста до денес има обврска да ги штити интересите на граѓаните бидејќи има во историска смисла најголема доверба. Затоа мораме да се однесуваме одговорно колку и да имаме работа со опозиција која што води политика како златна рипка, денес до утре, која добива лекцииод ChatGPT, рече Мицкоски.

Коментирајќи ја претставката на СДСМ до Уставниот суд за Резолуцијата, премиерот рече дека не слушнал ваква пракса во светот. - Да имаме некаков закон, подзаконски акт и.т.н, но дека некој резолуција оспорува пред Уставен суд, делува малку чудно, рече Мицкоски додавајќи дека не сака да биде строг за да не биде обвинет дека е „ванчомихајловист“, како што му било кажано денеска. Мислам, рече тој, дека местото не е таму, туку овде.

- Но за жал, нивното место е празно. Тука се прави таа дебата, рече Мицкоски. ев/дма/

Фото: Принтскрин 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан