• понеделник, 13 мај 2024

Мицкоски: Потребно е државата да му ја вратиме на народот

Мицкоски: Потребно е државата да му ја вратиме на народот

Демир Капија, 6 април 2024

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на денешниот митинг во Демир Капија истакна дека на 24 април професорката Гордана Силјановска Давкова ќе го најави својот триумф, а конечниот триумф ќе се случи на 8 мај, а тогаш и ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата ќе освои мнозинство во македонскиот парламент со 61 пратеник.

Мицкоски истакна дека народот денеска во Македонија нема контрола врз сопствената држава, таа е заробена и киднапирана од страна на 100 разбојници на ДУИ поддржани од страна на измеќарите од СДС. 

- СДС се измеќари на разбојниците од ДУИ, а тоа се другарчињата на Артан Груби, на Бујар Османи, заедно со Али Ахмети. Тие луѓе за жал ја киднапираа Македонија од народот, а народот разочаран ја напушта Македонија, не селата, туку градовите се празнат,  се помалку дечиња има во училиштата. Тоа е трагедијата која сурова реалност и таа реалност мораме да ја смениме, во спротивно ќе ја загубиме државата, рече Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека потребно е државата која Ковачевски му ја остави на тацна на Али Ахмети да си ја вратиме, а тоа можеме да го направиме ако се обединиме околу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија.

Мицкоски ги повика граѓаните да помогнат на Пендаровски да се исели бидејќи тој самиот кажа ако не бил претседател ќе ја напуштел Македонија.  

- Стево Пендаровски за себе вели дека најдобра карактеристика му било дека не крадел а тие кои го поддржуваат краделе, па тогаш со какви пари му ја финансираат кампањата? И оние скапо платени балкански мешетари кои ги донесоа да креираат фалсификати и да замајуваат јавност. Човекот е загубен, на сабајле прво ги озборува тие околу него, а на пладне преминува кон оние кои го поддржуваат, кои не ги носи со себе, бидејќи е самобендисан и мисли дека му е голем рејтингот и до него не се ни Ковачевски, ни Зечевиќ, ни Маричиќ, а во суштина немаше втор кој ќе прифатеше да биде губитник, рече Мицкоски. 

Професорката Гордана Силјановска Давкова има свој став и е спремна да го брани својот став со аргументи. Тоа е жена која е титан и ги бранеше македонските интереси и надвор од Македонија во Советот на Европа. Таа како уставен експерт беше дел од Венецијанската комисија, инспирираше многу колеги кои денес ја цитираат и имаа од кого да учат. Таа остана и се бори за Македонија и народот.

Мицкоски нагласи дека на овие избори јасен е изборот, Гордана Силјановска Давкова е новиот претседател, а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се новата влада и тука нема дилема, на сите им е јасно, Македонија треба да биде горда и твоја.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски денеска од митингот во Демир се осврна  на претседателскиот кандидат на Социјалдемократскиот сојуз, Стево Пендаровски за кој рече дека на ниеден начин не може да биде амнестиран за состојбите во Македонија и големиот криминал на власта на СДС и ДУИ, туку дека тој можеби е и мозокот на многу повеќе операции од тоа што јавноста го знае, глумејќи наивен и скромен, глумејќи човек кој што нема допирна точка со тоа што се случува во владата, во суштина, можеби е креатор на поголем дел од работите кои што се случуваат. 

„Стево Пендаровски е тој што ги злоупотребува институциите кој што се под него за нелегално да го следат ВМРО-ДПМНЕ, за да прават спинови и монтажи на ВМРО-ДПМНЕ. И најбитното, кампањата на Стево Пендаровски е финансирана од  крадени пари и тој многу добро тоа го знае и за тоа ќе одговара, најпрво со вашиот глас, а после тоа и со работата на институциите“, рече Николоски.

Пред присутните, Николоски истакна дека реалноста денес во Македонија е тажна и дека таа ја знаат сите и ја чувствуваме во сите населени места во општина Демир Капија, нивите остануваат празни, земјата се пусти, куќите се затворени, а луѓето си одат. 

„Повеќе луѓе можете да видите од Демир Капија во Швајцарија, во Австрија, во Германија, отколку што можете да видите тука. Тоа е тажната реалност после седум години владеење на СДСМ и на ДУИ, после седум години владеење на СДСМ и на ДУИ, неколку мина се екстремно богати, а народот е осиромашен. Неколку мина не одговараат за ништо, а народот си оди, неколку мина ја кројат судбината на Македонија и ја обезличуваат, а народот е безнадежен. И затоа мораме да ставиме крај на оваа работа“, рече Николоски.

„За да можат овие од СДСМ да крадат, а што е право, с е утепаа од крадење, му дозволуваат на ДУИ да прави што сака со Македонија. Еден од примерите за големиот криминал е недалеку од тука, каде што здружно и СДСМ и ДУИ крадеа на сметка на македонскиот народ. Тоа е Тец Неготино, каде се случи еден од најголемите криминали на СДСМ и ДУИ“, истакна Николоски повикувајќи ги граѓаните масовно да излезат на 24 април и на 8 мај и да го дадат нивниот глас за ВМРО-ДПМНЕ.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

—————————————————————————————————————————

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан