• петок, 22 ноември 2024

Мицкоски: Очекувам победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од 61 пратеник

Мицкоски: Очекувам победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од 61 пратеник

Скопје, 14 февруари 2024 (МИА) – Очекувам историска победа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ со повеќе од 61 пратеник и идниот претседател да биде кандидатот што ќе го поддржи ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, порача денеска од Кавадарци, лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Мицкоски, исто така, предупреди дека после 8 мај лично ќе се занимава со, како што рече, „криминал од 140 милиони евра што се спрема на бегање во РЕК Битола“.

- Апелирам и ги предупредувам раководните лица на АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ и раководните лица на РЕК и сите оние кои ќе стават потпис на овие јавни набавки дека ќе одговараат за соучество. Да не дозволите малкумина кои ги полнат торбите со милиони народни пари и се подготвуваат за бегање после 8 мај, да ве стават вас и вашите семејства во проблем. Ова не е закана, ова е предупредување и ако се случи лично ќе се занимавам, изјави Мицкоски.

Според Мицкоски, во РЕК Битола се подготвуваа тендери од околу шест милијарди денари за увоз на јаглен и околу три милијарди денари со вклучен ДДВ за ископ на јаглен и јаловина во РЕК Битола. 

-  Однапред ќе ви кажам дека тие две јавни набавки ќе ги добијат фирми кои ги знаете и кои се омилени фирми на неколкумина од власта, предводени од ДУИ и СДСМ. Сега на бегање ќе распишат тендер за набавка и увоз на јаглен од 6 милијарди денари што еднакво на 100 милиони евра и ќе доделат тендер за ископ на јаглен и јаловина на омилената фирма на еден конзул на една источна земја, бидејќи се европски фронт ама не им  смета да доделуваат вакви јавни набавки на конзули на источни земји кои имаат санкции од ЕУ во вредност од 40 милиони евра или со се ДДВ близу 50 милиони евра, нагласи Мицкоски.

До луѓето кои се во ЕЛЕМ, генералниот директор и вработените и во рудникот и во термоелектраната, Мицкоски порача дека лично ќе се занимава со овие две јавни набавки.

-  Јас им ветувам дека секој кој ќе стави потпис на оваа јавна набавка ќе биде изведен пред лицето на правдата и ќе одговара за тоа што го пљачка народот за да ги полни џебовите на малкумина кои се спремаат да бегаат после 8 мај, рече Мицкоки.

Мицкоски потенцира дека „има големо искуство и знаење во делот на енергетиката и точно знае што прават од власта и што подготвуваат да направат“. аа/лв/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Остани поврзан