• недела, 24 ноември 2024

Мицкоски од Охрид: СДСМ е развластена, ДУИ детронизирана

Мицкоски од Охрид: СДСМ е развластена, ДУИ детронизирана

Охрид, 9 јуни 2023 (МИА) - Само со преодна Влада може да обезбедиме национално единство и доверба кај граѓаните, а Демократската унија за интеграција после 20 години да ја пратиме во опозиција и криминалците да одговараат, истакна лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната трибина „Политики за силна култура и развиен туризам“, што се одржа во Охрид во рамки на акцијата „Ова е Македонија за сите“.

Појаснувајќи ги причините зошто на лидерската средба со претседателот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски предложил преодна влада без ДУИ, Мицкоски рече дека тоа нема да значи амнестија за криминалот, туку детронизирање на ДУИ и државата ќе нема премиер кој не е избран од народот.

- Со криминалците однатре од институциите ќе се бориме многу поуспешно отколку однадвор, а месеци потоа нашата влада предводена од ВМРО - ДПМНЕ и коалицијата сето тоа што ќе го сработи во оваа преодна влада ќе го изведе пред лицето на правдата, пред судовите. Секој кој што се огрешил ќе одговара и тука нема амнестија додека јас сум претседател на ВМРО - ДПМНЕ. Изборниот процес ќе го имаме под котрола. Нема да е можна пљачка на народната воља, фингирана кампања, украдени гласови на граѓаните, затоа што ние ќе го водиме тој процес. Само на овој начин можеме да обезбедиме национално единство и доверба кај граѓаните, а ДУИ по 20 години да ја пратиме во опозиција и криминалците да одговараат. Тоа е иднината за Македонија и македонските граѓани, рече Мицкоски.

Пред охриѓани изрази уверување дека е можна интеграција во Европската унија и зачувување на националното достоинство, јазик и посебност, спротивно од она што, како што посочи, го кажуваат СДСМ дека интеграција е можна само со уставни измени под бугарски диктат. Дециден е дека без европска интеграција и заштитен идентитет Уставни измени нема да има.

- И затоа на маса ставив две понуди. Првата е формирање на преодна влада на сите партии, без ДУИ во нејзе. Влада под наши услови без криминализираниот дел од сегашната гарнитура кога ќе треба да донесе измени на Уставот со одложено дејство кои ќе стапат на сила со членството на Македонија во ЕУ. Така добиваме гаранција дека Македонија ќе биде на брза патека за Европската унија, и кочничарите на нашата интеграција Бугарија да станат активна заинтересирана стана за побрза европеизација на државата. Втората понуда е избори сега, обезбедување на гаранции од европски институции за заштита на националните и државни интереси како и економски пакет за подобар живот во државата по повеќе основи, па потоа носење на измени на уставот со обврска опозицијата да го поддржува процесот како би се гарантирало националното единство кога е во прашање гарантирање заштитата на државните и национални интереси, истакна Мицкоски.

Забалежа дека еуфоријата во владејачката партија дека ВМРО - ДПМНЕ прифатила уставни измени е лажна и оти ако било вистина веднаш по лидерската средба ќе било ставено на Собраниска седница.

На следните парламентарни избори посочи дека граѓаните ќе имаат три можности за избор.

- Првата е коалицијата предводена од ВМРО - ДПМНЕ, втората е онаа на ДУИ и СДСМ и третата понуда ќе бидат платените патриоти и лажни популисти кои ќе кажуваат се што ќе сака народот да слушне, само со една цел да ги поделат антивладините гласови во Македонија, да ги поделат македонските гласови за да ја намалат победата и триумфот на коалицијата предодена од ВМРО - ДПМНЕ, рече Мицкоски.

Градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков говорејќи на трибината „Политики за силна култура и развиен туризам“ забележа дека локалната самоуправа години наназад се мачи со наследен долг, но оти со домаќинско работење за брзо сметката ќе биде одблокирана. Кажа дека се чувствува отсуството на поддршка од страна на централната власт, но, нагласи дека ќе продолжи да работи и да го подобрува животот на охриѓани.

- Дефинитивно постои еден потежок вид на соработка. Го чувствуваме и сметам дека Охрид како центар на култура и на историско светско природно културно наследство, би требало да има многу поголема поддршка од самата централна власт без разлика од кој од која политичка партија е. Меѓутоа наша работа како локална власт е да работиме и создаваме проекти, да пронаоѓаме начин на финансирање и сето тоа да го реализираме за подобар живот на граѓаните во Охрид, рече е Пецаков.

Покрај лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Мицкоски и градоначалникот на Охрид Пецаков, на трибината пред охриѓани говореа пратеници, членови на Извршниот комитет на партијата и партиски комисии. сс/цр

Фото: МИА и ВМРО - ДПМНЕ

Остани поврзан