• понеделник, 25 ноември 2024

Мицкоски: Нудиме консензус околу хрватскиот модел, стоиме на располагање и за лидерска средба

Мицкоски: Нудиме консензус околу хрватскиот модел, стоиме на располагање и за лидерска средба

Скопје, 4 април 2023 (МИА) - Ние конечно нудиме консензус околу хрватскиот модел јавно, без да се затвораме и без нешто да криеме од јавноста. Каква е преамбулата во хрватскиот Устав, така да ја направиме преамбулата и во нашиот Устав. Ние стоиме на располагање, ако сакаат за ова можеме да зборуваме и на лидерска средба, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој денеска во изјава за медиумите по извршениот увид на градежни активности на нов спортски центар во Бутел, прашан околу уставните промени, посочи дека евентуалната интервенција во Уставот се случува во три чекори.

-Првиот чекор е кога во Парламентот доаѓа иницијатива со која се утврдува потребата за отворање на Уставот. Тоа значи дека две третини од пратениците треба да гласаат „за“. Доколку има две третини од гласовите „за“, следува вториот чекор, а тоа е формирање на Уставна Комисија која ќе работи на амандманите и ги носи во втора фаза - во Парламентот. Тогаш е потребно мнозинство од вкупниот број пратеници или 61, и доколку има такви, тогаш повторно се враќаат изгласаните материјали или амандмани, се формира конечен текст, и во трет чекор доаѓа во Парламент процедурата и тогаш повторно се потребни две третини од вкупниот број на пратеници. Тоа значи дека минимум 104 до 105 дена се потребни, доколку во идеален случај оваа процедура почне од почеток до крај, рече Мицкоски.

Како што рече, ние се наоѓаме пред почетокот и сега уставни комисии не се формираат, туку пред пратениците се доставува иницијатива за утврдување на потребата за отворање на Уставот.

-Ако ме прашате како човек, „преку глава“ ми е од работни групи каде што неколкумина политичари седат во затворена просторија и одлучуваат за иднината на народот, а народот е против тоа. Затоа, одлучивме како ВМРО-ДПМНЕ јавно да го дадеме нашиот предлог, да не се затвораме во темни простории и да ја мистифицираме целата наша работа. Ние треба да работиме во интерес на народот и затоа ние како ВМРО-ДПМНЕ го прифаќаме предлогот што го посочија за хрватскиот модел. Треба да излезат и да кажат дали прифаќаат или не, рече Мицкоски. 

Портпаролката на опозициската партија Мартија Митева во неделата изјави дека власта многу пати досега на темата уставни измени во јавноста ги пласираше тезите за промена на уставот по моделот на Хрватска, а со оглед на тоа дека Хрватска, е земја членка на ЕУ, промената на уставот по т.н хрватски модел, рече таа, за ВМРО-ДПМНЕ е сериозно применлив и прифатлив. бт/нд/

 

Остани поврзан