• недела, 22 декември 2024

Мицкоски за реакциите на поранешните членови на Историската комисија: Ќе видиме каде се трошеле парите на оние кои не направија ништо изминативе години

Мицкоски за реакциите на поранешните членови на Историската комисија: Ќе видиме каде се трошеле парите на оние кои не направија ништо изминативе години

Скопје, 12 септември 2024 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски, во врска со реакциите на дел од поранешниот состав на Историската комисија со Бугарија, денеска изјави дека ќе се спроведе истрага колкави хонорари се исплаќале и како се трошеле парите во Комисијата.

Двајца поранешни членови на македонскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, денеска преку отворено писмо до јавноста, повикаа на промена на методологијата во работата и вклучување експерти од ОБСЕ, УНЕСКО или Советот на Европа.

- Нека се вклучат експерти, ние сме за да се вклучат за да се најде решение. Е сега, дали овие политички флоскули од страна на поранешните членови на Историската комисија треба да се коментираат повеќе и да им се посветува внимание не мислам. Потрошени се стотици илјади народни пари и евра за ништо, за нешто кое што резултираше со капитулација прифаќајќи го тоа што го прифатија двоецот Ковачевски и Османи. Од прилика тоа е суштината кое што оваа Комисија ја сработи и потроши неколку стотици илјади евра народни пари. Мислам дека отсуството на доверба на оваа влада која што доби легитимитет од граѓаните да ги исправа погрешно водените процеси во минатото кон овие членови на старата комисија, е прашање на политичка одлука, тоа не е прашање на нешто друго дали ОБСЕ ќе се вклучел или не знам кој ќе се вклучи. Нека се вклучи, ама ќе се вклучат сега малку и инспекциските и истражните органи да видиме каде се трошеа парите, колкави се хонорарите на овие коишто направиле ништо изминативе години, односно го засрамија народот во Македонија и ги продадоа македонските интереси, нагласи Мицкоски.

На новинарско прашање што очекува од утрешната посета на македонската делегација на Софија, предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова, повтори дека државава сака да гради добрососедски односи и тука немаме никаква дилема.

-Ќе продолжиме да градиме добрососедски односи. Нашето мото е дека туѓото не го сакаме, своето не го даваме, а градењето добрососедски односи е европска вредност и треба така да продолжиме. На работна посета кај мене беше претседателот на Владата на Косово, Албин Курти, во периодот којшто следи договараме и со премиерот на Албанија Рама посета дали во Тирана или во Скопје, договараме со премиерот на Република Србија Вучевиќ посета во Скопје, претпоставувам во периодот којшто следи ќе има слични такви посети и со Мицотакис и со премиерот на Бугарија. Ние се видовме на самитот на НАТО во САД. Нашата цел е да градиме добрососедски односи и така и ќе продолжиме. Имаме наши позиции по однос на нашите интереси. Ние ќе се бориме за нашите интереси како држава и тоа е тука, не треба ништо да биде чудно, кажа Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на Спортско рекреативен центар „Бранители“ во населеното место Љуботенски Пат во Општина Бутел. 

Во врска со средбата со новиот евроамбасадор и дали разговарале за пасивизирање на евроинтегративниот процес, Мицкоски повтори дека интеграцијата на земјава во ЕУ останува стратешка цел.

-Направивме една ретроспектива што се случуваше изминативе би рекол повеќе од две и пол децении откако почна сето ова со потпишувањето на Договорoт за стабилизација и асоцијација. Направивме ретроспектива за да не се заборави што се направија македонските граѓани во име на тие европски вредности. Се согласивме дека да имаме ние многу внатрешни проблеми коишто ќе треба да ги решаваме, но кој нема? Сите земји во светот имаат многу внатрешни проблеми. Што се однесува до отстапките коишто ги направивме во име на таа европска перспектива мислам дека ниту еден народ во Европа нема направено ниту приближно нешто такво и дека заслужуваме безусловно да ги почнеме преговорите, рече Мицкоски.

Свесни сме, додаде премиерот, за штетите што на овој процес ја нанесе претходната влада прифаќајќи нешто кое што не може да го исполни, свесни сме дека раните се уште кај граѓаните не се залечени од онаа насилна промена на Устав кога се приведуваат пратеници па за уши се носеа во Парламентот да гледаат уставни измени и дека таков тип на отстапка без да има јасна гаранција, без да има јасна предвидливост на овој процес едноставно ние не можеме да прифатиме.

-Од таа страна мислам дека треба да има разбирање и мислам дека треба Брисел доколку навистина сака и доколку навистина има волја да ја види нашата земја како дел од таа маса и дел од европското семејство, тогаш има и начин и не може никој да ме убеди дека нема начин и дека мора повторно и повторно овој народ, граѓаните во Македонија да трпат понижувања, уцени итн. Впрочем, претпристапните преговори се преговори и процес во којшто се зајакнуваат капацитетите на институциите. Ние не сме во состојба да ги зајакнеме капацитетите на институциите коишто треба да функционираат во иднина поради прашања што се случиле пред 10 века. Тоа не е европска вредност. И јас сум убеден дека тоа не е европска вредност, така што ние сме подготвени како Влада да разговараме, да бидеме на маса онолку колку што е потребно за да најдеме решение и да почнеме безусловно да го чекориме тој пат кон полноправно членство во рамките на ЕУ, односно конечно да почнеме да преговараме, бидејќи длабоко сум уверен дека сме многу по подготвени од голем дел од кандидатите коишто веќе преговараат или ќе отпочнат да преговараат и богами можам да кажам и од некои земји членки на самата ЕУ, подвлече Мицкоски. нд/са/

Остани поврзан