• сабота, 21 декември 2024

Мицкоски: ЕУ треба да е јасна кон Македонија, направивме многу откажувања

Мицкоски: ЕУ треба да е јасна кон Македонија, направивме многу откажувања

Скопје, 27 март 2024 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за Националната телевизија изјави дека Европската унија треба да е јасна кон Македонија и да каже што треба да се направи, бидејќи Македонија направи големи жртви. 

- Мислам дека ЕУ треба да дојде и да каже што сака од Македонија и од овој народ. Македонија направи многу за европските вредности, сменивме многу работи. Се направија многу отстапки верувајќи на зборот на европските политичари. Но, факт е дека тие не си го исполнија ветеното, а тука се правеше се, македонските политичари прифатија се, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.  

Според Мицкоски, тој непринципиелен однос треба да престане. - Токму затоа ние велиме ние сме подготвени да седнеме и да разговараме за тоа што овој народ може да очекува, што може да се направи, рече Мицкоски.

Во интервјуто тој вели дека тие нема да прифатат „диктат како овој сега од Бугарија“. - Ние повеќе од две и пол децении откако го почнавме патот не сме почнале преговори, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски зборуваше и за случајот со Босна и Херцеговина и начинот на кој таа стартуваше со процесот на пристапување во ЕУ.

-Последниот аргумент кој ги надвладеа изговорите на сите од ЕУ е правилото на консензус и ако еден е против нема одлука за проширување. Ама видовме дека и тоа е возможно на декемврискиот самит еден кој е против си излезе и се изгласа почеток на преговори за БиХ. Јас им честитам, ама тие немаат ни усогласена заедничка надворешна политика со ЕУ, посебно со Русија бидејќи еден од чинителите во БиХ има блиски односи со Путин. И сега тие почнуваат преговори, ние не можеме“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ зборуваше и за програмата на партијата за претстојните избори Платформа 1198, која како што кажа, е основата на идното управување со државата кое ќе обезбеди надеж и промени. 

Образложи делови од програмата, посочувајќи дека овие седум години никогаш не треба да се повторат. Зборуваше за предлогот да се промени бројот на пратеници од 120 на 90, потоа за промените што ги предлагаат за бројот на инстируциите и министерствата, како и за укинувањето на балансерот. 

-Од она што во јавноста не е познато, но еве сега сакам да го кажам, е тоа дека балансерот како алатка беше донесен со цел практично да имаме правилна застапеност во рамките на институциите, зборам на немнозинските етнички заедници и практично тој својата цел ја исполни. Денеска ако ги видите процентите ќе дојдете до овој заклучок дека имаме правилна односно правична застапеност во рамките на институциите од страна на немнозинските заедници, рече Мицкоски.

Балансерот, според него, сега претставува товар и предизвикува фрустрација кај луѓето. Потребно е создавање на општество во кое ќе се напредува по мерит систем и квалитетот на индивидуата.

Мицкоски истакна дека не гледа кој би бил контра аргументот на идниот партнер во Владата на ВМРО-ДПМНЕ да е против укинувањето на балансерот. ев/са/

Фото: принтскрин

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан