• петок, 20 декември 2024

Мицкоски: Добро е за демократијата на земјата да има повеќе претседателски кандидати

Мицкоски: Добро е за демократијата на земјата да има повеќе претседателски кандидати

Скопје, 15 февруари 2024 (МИА) - Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва најави дека многу скоро партијата ќе го објави претседателскиот кандидат без да кажува детали за профилот на личноста. Мицкоски побара од владејачките партии да гласаат за законот што го предложи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за продолжена важност за пасошите.

- Доколку постои желба и во актуелното мнозинство сега во Парламентот ќе се случи и ќе се надмине овој проблем, односно ќе се поддржи законот што го предложи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со којшто за патните документи, односно пасошите ќе биде продолжено времетраењето на важноста, рече Мицкоски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21.

На прашањето што ќе направат со патните исправи, Мицкоски рече дека ако законското решение не се изгласа сега во Парламентот, следното мнозинство ќе поднесе ист таков закон со кој што ќе се продолжи важноста на патните документи односно пасошите. 

Зборувајќи за проблемот со пасошите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека очекува поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски да сноси одговорност.

- Дали тоа ќе биде како резултат на оваа кривична пријава сега или на некоја кривична пријава или кривични пријави набрзо од денес, тоа ќе видиме. Немам голема доверба во октроираното обвинителство и судство, но да видиме, рече Мицкоски. 

За новиот јавен обвинител, Мицкоски рече дека преку поднесена кривична пријава за Спасовски тој ќе покаже дали ќе продолжи да биде слеп послушник на политиките на раководството на СДСМ и ДУИ, или ќе се одважи.

- Еве му шанса преку ова кривична пријава за Оливер Спасовски да покаже дека во Македонија можат да владеат законите и дека може да се врати довербата во институциите, рече Мицкоски. 

Во однос на кандидатурата за претседател на лидерот на Алијанса за Албанците и актуелен градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, Мицкоски вели дека со неа ќе биде испровоцирана ДУИ и дека ќе мора да предложат кандидат.

-Мислам дека е добро и здраво за демократијата во Македонија да има повеќе претседателски кандидати затоа што граѓаните ќе имаат повеќе можност. Ценам дека со кандидатурата на Арбен Таравари, ќе биде испровоцирана ДУИ, па и тие ќе мора да профилираат претседателски кандидат, што е добро, рече Мицкоски.

За тоа кој е нивниот посакуван коалициски постизборен партнер, тој рече дека тоа е консолидираната албанска опозиција односно блокот што го предводат Меџити, Касами, Гаши и Таравари.

- И ние би сакале со нив да соработуваме, рече Мицкоски, според кого двете политички опции ќе се движат меѓу 12 и 15 пратеници. 

Според Мицкоски, кампањата и за претседателските и за парламентарните избори ќе биде долга и исцрпувачка. 

- Добро е да бидеме организирани и мобилизирани за истата. Овој пат, според сите јавни мерења кои јас можам да ги видам, нема да бидам изненаден ако ДУИ биде поразена, рече Мицкоски. Негово предвидување е дека СДСМ на изборите ќе има под 200.000 гласови. ев/бак/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ 

Остани поврзан