• вторник, 07 јануари 2025

Митрополит г. Петар: Денес се роди оној што ја носи љубовта и мирот

Митрополит г. Петар: Денес се роди оној што ја носи љубовта и мирот

Битола, 7 јануари 2024 (МИА) - Денес се роди оној кој ја носи љубовта во својата суштина, и мирот во своето битие, се роди Христос нашиот Бог и спасител, истакна митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар.

На утринската архиерејска Божествена Литургија што се одржа во храмот Свети Великомаченик Димитриј во Битола, митрополитот г. Петар  посочи дека Христовото раѓање во скромната Витлеемска пештера е доказ за неограничената Божја љубов кон човечкиот род.

-Светот, кој постојано потонува во неслога и војни, денес е повикан да се сети дека љубовта е неговото вистинско постоење. Вашите мисли нека бидат како благопријатен темјан, вашите зборови како злато, а вашите дела како миро принесено на оној што ни донесе живот вечен. Да ја славиме Божиќната радост не само во деновите на празникот, туку и во секој миг од нашиот живот, порача митрополитот г. Петар.

Пред верниците во Битола меѓу кои беше и градоначалникот Тони Коњановски, митрополитот г. Петар нагласи дека денешниот настан е еден од најголемите чудеса на Божјата љубов, Бог, кој го создаде светот.

-Христос не доаѓа да владее, туку да служи, не доаѓа да се издигне, туку да се понижи. Таа Божја љубов, не се открива во величината на неговото божество, туку во понизноста и болката на неговото човечко постоење, истакна утрово во храмот Свети Велиомаченик Димитриј, митрополитот преспанско-пелагониски и администратор австралиско-новозеландски г. Петар. мт/вг/

Фото: МИА

Остани поврзан