• петок, 22 ноември 2024

Митева: Наставниците од овој месец ќе имаат повисока плата за пет проценти, до 2028 зголемувањето ќе биде 46 проценти

Митева: Наставниците од овој месец ќе имаат повисока плата за пет проценти, до 2028 зголемувањето ќе биде 46 проценти

Скопје, 14 октомври 2024 (МИА) - Наставниците и професорите од овој месец ќе имаат повисока плата за пет проценти, додека до 2028 зголемувањето ќе биде минимум 46 проценти, соопшти на денешната прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

Владата, МОН и СОНК ќе потпишат и колективен договор за сукцесивното зголемување на платите, што ќе зависи од приходите во буџетот, но и за други прашања важни за образовниот кадар. После опсежните преговори со засегнатите, Владата ја донела одлуката за зголемување на платите и донела став за континуиран раст во наредните години, што ќе зависи од приходите во буџетот.

Образованиот кадар ќе зема за пет проценти повисока плата, почнувајќи од октомври годинава до февруари, идната година. Во март 2025 како што соопшти Митева Владата зазема став дека покачувањето треба да изнесува седум (7) проценти. Во 2026-та, во март во зависност од состојбата на буџетот, зголемувањето на платите треба да изнесува помеѓу седум и пол и десет (7, 5 и 10) проценти. Во зависност од приходите во 2027-та покачувањето на платите треба да е на ниво од 7, 5 и 10 проценти додека во март 2028-та година покачувањето да биде помеѓу 10 и 12, 5 проценти.

- Со овој пристап Владата се обврзува на континуиран раст на платите на образованиот кадар кој во 2028-та година би достигнал раст од минимум 46 проценти, повисока плата за сите во образованиот кадар за разлика од она којашто ја земаат денеска во зависност од тоа која скала ќе биде примената што повторувам ќе зависи од приходите во буџетот, кажа Митева.

Партнерскиот дијалог помеѓу Владата, МОН и СОНК ќе продолжи и најдоцна во февруари, идната година Владата, зазела став да биде донесен и колективен договор.

- Владата и Министерството за образование и наука продолжуваат со креирање на партнерски дијалог со СОНК со кој ќе се заземе став дека најдоцна до февруари, идната година ќе биде донесен и колективен договор согласно горенаведената методологија и врз основа на истиот ќе се предвидат и овие, но и сите останати отворени прашања. Со оваа мерка како Влада уште еднаш потврдуваме дека остануваме силен партнер, дека преку градење на искрен, но и аргументиран дијалог и најважно со правична алокација на средствата од буџетот, граѓаните работниците, работодавачите и сите останати ќе имаат подобар животен стандард, а македонската држава ќе има стабилна и силна економија која тоа ќе го овозможи, изјави Митева.

Одговарајќи на новинарски прашања, дали се завршени подготовкитее за грејната сезона и дали е можно училиштата во општина Карпош да ја почнат грејната сезона со ладни радијатори, Митева рече дека ќе соберат информации за состојбата и долговите по што ќе ја информираат јавноста.

- Ја видовме информацијата којашто беше во јавноста она што континуирано го зборувавме е дека навистина претпријатијата се оставени со големи долгови. Дозволете да ја провериме, за наводите, за тоа каква е ситуацијата колкави се долговите и да ја информираме јавноста, изјави портпаролката на Владата. ам/ев/


Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан