Мисајловски од Пентагон: Продуктивни билатерални одбранбени консултации и потврдена македонско-американската одбранбена соработка
- Министерот за одбрана Владо Мисајловски и Треша Гуенов, главен заменик помошник на секретарот за одбрана на САД за меѓународни прашања, во Пентагон ги отвориле Годишните билатерални одбранбени консултации.
Скопје, 27 септември 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски и Треша Гуенов, главен заменик помошник на секретарот за одбрана на САД за меѓународни прашања, во Пентагон ги отвориле Годишните билатерални одбранбени консултации.
Како што соопштија денеска од Министерството за одбрана, на отворањето на консултациите министерот Мисајловски ја истакнал суштинската важност на македонско-американската одбранбена соработка, се заблагодарил за значајната поддршка во опремување и модернизација на македонската Армија, за советодавната поддршка во одбранбените реформи, како и за три децениската поддршка и придонес во обуката и вежбовните активности на Армијата и вработените во одбраната.
Мисајловски порачал дека зајакнувајќи ги одбранбените капацитети на нашата земја остануваме посветени на сигурноста и стабилноста на Балканот и пошироко.
- Мисајловски ја потврди заложбата на Владата, за доследно исполнување на обврските од последниот Самит во Вашингтон, притоа потврдувајќи ги проекциите на Буџетот за одбраната за 2025 година и модернизација на Армијата и континуитет на започнатите заеднички процеси, се наведува во соопштението од МО.
Во однос на нашиот придонес и посветеност кон колективната безбедност, Мисајловски истакнал дека тоа може да се види преку учеството на армиските припадници во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија, на регионално ниво преку придонесот во мисијата на НАТО на Косово, КФОР и во операцијата на ЕУ, во Босна и Херцеговина, АЛТЕА и мисијата на ООН во Либан.
Билатерални одбранбени консултации се одржале во три сесии, со учество на високи делегации од двете страни на кои се дискутирало за соработката и идните сојузнички приоритети, вклучувајќи го учеството во заеднички вежби и обуки, придонесот кон глобалниот мир и безбедност, зајакнување на нашите одбранбени капацитети, како и долгогодишното партнерство со Националната Гарда на Вермонт.
На консултациите освен министерот Мисајловски, учествувале и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, заменик на директорот во Здружениот штаб Ј5, за Европа, НАТО и Русија, бригаден генерал Грант Фосет, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска Ристова, одбранбено аташе на САД, полковник Даниел Сквајерс, претставници од Здружениот штаб, Агенцијата за одбранбена безбедносна соработка, Стејт департментот на САД, Командата на САД за Европа и експертските тимови на Пентагон, Министерството за одбрана и Генералштабот на Армија.
За време на посетата на САД, министерот Мисајловски остварил работни средби и со Алтон Буланд , директор за ЕУ и НАТО политика во Канцеларијата на секретарот за одбрана, и со генерал потполковник Џонатан Стабс, Шеф на бирото на националната гарда на САД. цр/нд/
Фото: Министерство за одбрана