• недела, 22 декември 2024

Мисајловски на Криволак ги посети македонските специјалци кои со специјалци од шест сојузници и земја - партнер ги развиваат своите способности

Мисајловски на Криволак ги посети македонските специјалци кои со специјалци од шест сојузници и земја - партнер ги развиваат своите способности

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска на „Криволак“ ги посети припадниците на Баталјонот за специјални сили кои на најголемиот армиски полигон заедно со специјалците од Албанија, Бугарија, Црна Гора, Грција, Романија, Турција и Босна и Херцеговина ја реализираат вежбата „Wise wolf 2024“, соопшти Министерството за одбрана. 

На Денот на високи гости на кој присуствувале и началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Сашко Лафчиски, како и високи воени претставници и одбранбени аташеи од земјите-учеснички, заеднички тимови на специјалци реализираа здружена показна вежба на која ги прикажаа своите вештини и способности.

-За време на двонеделното извежбување користени беа осум хеликоптери од типот CH47 „Chinook“, UH60 „Black Hawk“, „Puma“ и Mi-17, а над 120 специјалци во мешани тимови од сите земји-учеснички извршија повеќе задачи како спуштање од хеликоптер со јаже, гаѓање со снајперски пушки со долг дострел, обезбедување од копно и од воздух, борба во затворен простор, медицинска евакуација и други, информираат од МО.

Вежбата, која се одржува на годишно ниво во една од земјите – учеснички, ја јакне регионалната соработка во овој домен и ја унапредува интероперабилноста која е основа за зацврстување на колективната безбедност. Оваа годишна вежба се реализира од 2011 година на иницијатива на началниците на Генералштаб од балканските земји. сст/аа/

фото МО

Остани поврзан