Министер за надворешни работи на Саудиска Арабија: Нема нормализација на односите со Израел без решение на палестинското прашање
- Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен истакна дека не може да има нормализација на односите со Израел без решение за палестинското прашање.
Ријад, 22 јануари 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, во синоќешното интервју за Си-Ен-Ен истакна дека не може да има нормализација на односите со Израел без решение за палестинското прашање.
На прашањето дали може да се постигнат нормални односи без пат кон кредибилна и неповратна палестинска држава, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд изјави: „Тоа е единствениот исправен начин. Затоа, да, бидејќи ни треба стабилност, а стабилноста ќе дојде само преку решавање на палестинското прашање“.
Коментарите на министерот за надворешни работи беа дел од интервјуто снимено за време на Светскиот економски форум одржан во Давос, Швајцарија минатата недела, а кое беше синоќа прикажано на Си-Ен-Ен.
Деескалацијата на конфликтот во Газа и запирање на смртните случаи на цивили е клучен фокус за Саудиска Арабија, истакна министерот.
„Она што го гледаме е дека Израелците ја уништуваат Газа, цивилното население во Газа“, рече тој. „Тоа е тотално непотребно, тотално неприфатливо и мора да престане“.
Локалното Министерство за здравство на Газа соопшти дека повеќе од 25.000 Палестинци се убиени, а повеќе од 62.000 се ранети во израелските напади врз регионот од 7 октомври, кога Израел беше нападнат од палестинска милитантна група Хамас. ссм/
фото: принтскрин