• петок, 05 декември 2025

Министерот Трипуновски ја посети компанијата „Агриа“

Министерот Трипуновски ја посети компанијата „Агриа“

Скопје, 13 јуни 2025 (МИА) - Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски ја посетил „Агриа“, најголемата домашна компанија од месната индустрија и остварил работна средба со менаџментот на најсовремената свињарска фарма во земјава.

Во рамки на посетата, како што информира „Агриа“, министерот Трипуновски имал можност да се запознае со целиот процес на вертикалното интегрирано производство кое го практикува компанијата, почнувајќи од производство на сопствена сточна храна, преку контролирани услови за одгледување и добросостојба на животните, до преработка, пакување и дистрибуција на свежо месо до македонските потрошувачи. Особено внимание е посветено на строгите биосигурносни протоколи, високите стандарди за хигиена и безбедност на храната, како и системските мерки за заштита на животната средина.

- Денеска имавме можност да видиме еден од најсовремените примери на тоа како треба да изгледа современото сточарско производство. „Агриа“ покажува дека кога постои јасна визија, стручност и континуирано вложување во квалитет, домашните компании можат не само да ги достигнат, туку и да ги надминат европските стандарди. Ова не е само фарма или производствен капацитет, туку е целосен систем кој носи економска вредност, обезбедува квалитетна и безбедна храна за граѓаните и отвора нови перспективи за развој на земјоделството во Македонија, изјавил министерот Трипуновски по посетата.

„Агриа“ информира дека претставува еден од ретките целосно вертикално интегрирани системи во земјата, со сопствени фарми за свињи и говеда, фабрика за добиточна храна, современи капацитети за преработка, како и широка дистрибутивна мрежа која гарантира свежо и безбедно месо со врвен квалитет на македонските трпези. Со моделот на вертикално производство што го практикува „Агриа“, се обезбедува континуитет во квалитетот на производот и значајно придонесува за стабилноста и конкурентноста на домашниот агро-производствен сектор.

- Нашата визија отсекогаш била јасна, да градиме интегриран и одржлив модел на производство кој овозможува целосна контрола на квалитетот во секој сегмент. Во услови на динамичен пазар и се поголеми барања за безбедност и следливост на храната, веруваме дека само со континуирани инвестиции во технологија, експертиза и добросостојба на животните можеме да создадеме стабилен систем кој ќе им гарантира на потрошувачите сигурност и врвен квалитет. Посетите како денешната се дополнителен поттик за сите нас да продолжиме со вложувањата и да бидеме двигател на развојот во македонското сточарство, истакнал генералниот директор на Агриа.

Во изминатите години, „Агриа“, како што се наведува во соопштението, континуирано вложува во модернизација на технологијата, обука на кадарот и унапредување на стандардите за производство и безбедност на храната, усогласени со најдобрите европски и светски практики. Со сопствени фарми, фабрика за сточна храна, модерна кланица и широка дистрибутивна мрежа, компанијата успева да одржи контрола врз целиот синџир на вредност – од фарма до трпеза, обезбедувајќи висококвалитетно, проверено и 100 отсто природно месо за секое македонско семејство, со што се гради доверба кај потрошувачите и се зајакнува економскиот потенцијал на домашното производство. мд/цр

Фото: „Агриа“ 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан