• понеделник, 23 декември 2024

Министерот Тошковски на средба со директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун

Министерот Тошковски на средба со директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун

Скопје, 2 септември 2024 (МИА) - Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска остварил работна средба со директорот на Агенцијата за одбранбена индустрија на Турција, Халук Ѓорѓун. На средбата присуствувале и високи претставници на компании од одбранбената индустрија на Турција.

Турската делегација, како што соопштија од МВР, ги претставила капацитетите и можностите што ги нуди турската одбранбена индустрија како лидер во регионот, во насока на опремување и зголемување на капацитетите на министерството во борбата против тероризмот, транснационалниот организиран криминал и нелегалната миграција.

 -Турција е еден од нашите најблиски партнери, заедно сме во НАТО, а нашиот взаемен пријателски и партнерски однос е верифициран со силна економска, трговска, безбедносна и културна соработка, на која двете држави остануваат посветени. Ги разгледуваме можностите за соработка со турските компании производители во одбранбената и безбедносната индустрија за унапредување на капацитетите на нашата полиција. Градиме модерна и опремена европска полиција која ќе овозможи безбедност за секој граѓанин, бидејќи функционалноста на безбедносниот систем е предуслов за функционирање и напредок на правната држава и благосостојбата на нејзините граѓани, потенцирал министерот Тошковски.

Тошковски ги претставил приоритетите на МВР во делот на дигитализацијата, континуирани обуки на вработените и јакнење на капацитетите за интегриран систем за гранично управување. Во таа насока, се посочува во соопштението, директорот Ѓорѓун ги презентирал можностите и решенијата што ги имаат развиено и имплементирано со примена на најнови технологии како вештачката интелигенција. цр/aa/

Фото: МВР

Остани поврзан